По институционален пат ќе се решава проблемот со бездомните животни, ветија од „Поинаку“

Октомври 01, 2017

Независната листа на кандидати за советници на Општина Битола со носителот Габриела Илиевска одржа јавна дебата за бездомните животни и домашни миленици. Во дебатата со свои размислувања се вклучија претставници на повеќе здруженија за заштита на животните и животната средина и други граѓани на Битола. Од нивна страна беше нагласено дека ниту битолската локална самоуправа, ниту пак било која политичка партија досега не го актуализирала проблемот со бездомните животни.

 

Низ разговорот беа констатирани пет клучни проблеми поврзани со ова прашање и тоа, непостоење стационар за бездомни животни, потреба од кастрирање и стерилизирање на бездомните животни, појави на злоупотреби, физичко малтретирање, како и масовно труење на бездомните животни и обезбедување на парк за домашни животни.

На дебатата кандидатите за советници од листата „Поинаку“ истакнаа дека најголемиот дел од констатираните проблеми биле детектирани и од нивна страна и дека се влезени во нивната изборна програма.

„Во соработка со граѓаните и здруженијата за заштита на животните, проблемот со бездомните животни ќе го решаваме на институционален начин. Дека не станува збор за предизборни ветувања, покажува тоа што поголемиот дел од проблемите кои денес ги констатиравме заедно со граѓаните и граѓанските здруженија, веќе се содржани во нашата програма“, истакнаа кандидатите за советници од „Поинаку“.

На денешната дебата беше договорено интензивирање на соработката со битолските здруженија за заштита на животните во насока на евентуалното дефинирање нови проблеми и нивно имплементирање во приоритетите кои идните советници од „Поинаку“ ќе ги постават на дневен ред во новиот состав на Советот на општина Битола. Во таа насока беше договорено одржување нова скорешна средба на која ќе учествуваат и други битолски здруженија.  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани