Кој од кого се срами за полигонот

Декември 07, 2018

По петгодишни патешествија и маки на битолчани, по други градови да вежбаат за практичен дел од испитот за возачка дозвола, ниту одлуката за изградба на полигон во Битола  не помина без кавги и обвинувања во општинскиот Совет меѓу советниците од власта и опозицијата.

 

Токму донацијата од Сообраќајниот испитен центар АМ, за изградба на полигон на излезот од Битола, кај Горно Оризари, беше причина за меѓусебно препукување, иако одлуката беше донесена едногласно. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги разлути говорот на советникот од СДСМ, Борче Корлевски, кој рече дека конечно оваа локална власт ќе обезбеди полигон, нешто што претходната не успеала да го направи

-Полигон ќе има, полигон ќе се изгради, а ќе изградбата ќе започне во првата година од владеењто на ова владеачко мнозинство. Проблем што го создаде ВМРО-ДПМНЕ и проблем што не успеа да го реши од 2013, го решава оваа локална власт во интерес на граѓаните на Битола и регионот. Овој полигон не беше во развојната програма, што е уште еден доказ дека не мора некој проект да е во развојната програма за да се реализира она што е ветено, рече Корлевски.

ОД ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека власта се фали со туѓи пари и тврдат дека полигонот под притисок го гради Испитниот центар, затоа што немал друг избор.

-На Испитниот центар му се заканува да ја изгуби лиценцата за работа, тешко на граѓаните на Битола ако е ова начинот да издејствувате донација. Вие не издејствувате, вие го приморавте Испитниот центар. Немојте да си го припишувате ова дека е ваш проект, дека е тоа нешто што го издејсвувала Општина Битола. Ние , сите советници овде, 31 на број треба да ја наведниме главата, да се засрамиме и да му кажеме благодарам на донаторот, а не да собирате политички поени и да се фалите со туѓи проекти, рече Елена Трајчевска, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Корлевски, пак, рече дека полигонот ќе биде сопственост на Општина Битола, без оглед од кој е донацијата.

-За да не ја манипулирате јавноста, морам да напоменам дека овој полигон ќе биде во сопственост на Општина Битола, а со него ќе раководи ЈП „Нискоградба“, за што како следна точка е измена на статутот на ова претпријатие. Дали Општина Битола ќе добие донација од Владата, од невладин сектор, од европски фондови, од приватна фирма, тоа го издејствувале Општината и градоначалникот. Ако можеше и ако сакаше ќе го направеше претходната локална власт. Факт е дека тоа не го направиле, додаде Корлевски.

Претседателот на Советот Валентин Груевски, рече дека најважна работа е што конечно Битола ќе добие полигон, се друго е споредно, а опозицијата се обидува да го минимизира целиот проект.

-Полигон нема во Битола веќе 5 години, децата наши полагаа во Прилеп и Ресен, имаа дополнителни трошоци. Како опозиција баравме да се изгради полигон, а тогашната власта не мрдна со прст. Полигон не направивте, баравме секоја година средства од Буџетот, не одвоивте и на крајот од мандатот немаше полигон. Апсолутно не сметам дека од нешто треба да се срамиме, ако некој треба да се срами тоа е претходната власт. После една година до доаѓањето на оваа власт успеваме земјиштето да го пренамениме од земјоделеско во градежно. Потоа издејствуваме Владата на РМ да го додели на трајно користење на Општина Битола. одлуката ја добивме пред десетина дена. Го запишавме тоа земјиште во катастар, а Општина Битола издаде одобрение за градење. Со одлука на Советот се менува статутот на ЈП „Нискоградба“, а ова претпријатие ќе управува со полигонот, кој ќе биде готов најдоцна до Нова година. Најважно е дека Битола ќе добие полигон и битолчани ќе полагаат за возачки испит овде. Некому по десетина години ќе му изгледа смешно дека сме добиле полигон, но ова навистина е потреба на Битола и битолчани, рече Груевски.

Битола остана без полигон за полагање возачки испит, откако МВР во мај 2013 година донесе решение за забрана за користење на теренот поради неисполнување на пропишаните стандарди. Оттогаш испитните центри немаат каде да го одржуваат практичниот дел од испитот, па инструкторите и кандидатите возат до полигоните во соседните градови.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани