Одбележани 73 години од формирањето на Егејската бригада

Ноември 18, 2017

Денеска во Битола беше одбележана 73 годишнината од формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија. По тој повод, пред спомен плочата на чешмата кај Пртивпожарната единица, свежо цвеќе положија и се поклонија претставници од Сојузот на борците, градоначалничката Наташа Петровска, претстaвници од Советот на општина Битола, од  здруженија на Македонците од Егејска Македонија и др.

-Овде сме да укажеме почит и слава за формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, да ги задржиме во нашите спомени и да останеме будни во сегашноста, рече Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

petrovska

 

Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, попозната како Егејска бригада, била формирана на 18 ноември 1944 година. По тој повод, пред зградата на општинските и обласните власти во Битола, се одржала свеченост на која се одржале пригодни говори ѝ било предадено военото знаме на Бригадата. Штабот на бригадата го сочинувале Илија Димовски-Гоче командант, негов заменик Наум Пејов, политички комесар бил Михаил Керамитчиев и заменик комесар Вангел Ајановски-Оче. Во време на формирањето, бригадата броела над две илјади борци, распоредени во четири баталјони. На 3 јануари 1945 г. Бригадата во целост била прекомандувана во Гостивар и Тетово и учествувала во ликвидирањето на балистичките банди кои, сè уште дејствувале во овие реони

23361257 10207764897041030 747658727 n

„На ова плато пред 73 години војнички беше построена Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, кога нејзините припадници зедоа заклетва дека ќе се борат за ослободување на нашата земја, а бригадата со успех се справи со балистичкие банди, рече Александар Трајковски, претседател на ОО на Сојуз на борци-Битола.

borci

-Знамето на бригадата го прими командантот Илја Димовски Гоче, а токму кај што е ова чешма, бригадата продефилира во присуство на тогашното највисоко градско раководство и гости од Скопје, од централното македонско раководство. Бригатата потоа во касарната имаше кратка обука, по што веднаш беше упатена за чистење на теренот на Острец и Кишава од балистички банди, а после Нова Година била упатена во Западна Македонија, за борба против балистите. Инаку, плочата на чешмата е поставена во 1984 година, кога имаше голема манифестација, а ја отвори еден од командантите на бригадата, Наум Пејов, кој се уште беше жив, рече д-р Александар Литовски, историчар.

litovski

На 2 април 1945 г. Бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици. Нешто подоцна, најголемиот дел од борците на Бригадата се вратиле во Егејскиот дел на Македонија и ги создале првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а подоцна станале борци во единиците на Демократската армија на Грција, каде повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за национални и социјални права и слободи.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани