2win800x200

На денешен ден убиен е Народниот херој Стив Наумов

Септември 12, 2019
НА ДЕНЕШЕН ДЕН , 12 септември, во 1942 година, од буграската окупаторска полиција, кај селото Болно, Ресенско, е убиен Стеван Наумов-Стив, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
 
Роден бил во Битола, на 27 октомври 1920 година. Неговото семејство водело потекло од селото Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија.
 
Завршил гимназија во Битола, а потоа студирал на Техничкиот факултет во Белград, каде што бил примен за член на СКОЈ и на КПЈ. Во Белград повеќе пати бил апсен, а по враќањето во Битола бил избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ.
 
Од таа позиција развил жива активност за формирање на партиски ќелии и привлекување на нови членови, а тоа особено дошло до израз во неговата активност во битолското претпријатие за преработка на тутун позната како "Монопол".
 
По Априлската војна 1941 г. работел на прибирање на оружје, муниција и друг воен материјал и на организирање на оруженото востание. Се спротиставил на решението на Методија Шаторов-Шарло за поврзување на македонската партиска организација кон БКП.
 
Сосема рано од периодот на окупацијата, во јули 1941 г., преминал во илегалност. Ја осмислил и организирал т.н. Илинденска демонстрација во Битола на 2 август 1941 г.
Го организирал и раководел формирањето на Битолскиот партизански одред "Пелистер" во април 1942 г. 
 
На 6 мај 1942 г. во Битола го убил полицискиот бугарски началник Александар Ќурчиев. Во јуни 1942 г. станал член и политички комесар на Оперативниот штаб на Народноослободителните и партизански одреди на Македонија. Непосредно учествувал во формирањето на Битолско-преспанскиот партизански одред "Даме Груев" на 6 јули 1942 г. над ресенското село Златари. Ја раководел и учествувал во нападот на овој одред на полициската станица во село Кажани, Битолско, на 18-19 август 1942 г.
 
Загинал во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Мите Богоевски. 
 
Бугарската полиција првин ги погребала во два гроба, потоа ги откопале и ги пренеле кај селската црква, а од тука потајно ги однеле кај селото Ѓавато и ги запалиле со бензин.
 
Прогласен бил за народен херој на Југославија на 29 јуни 1945 г.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани