2win800x200

НА ДЕНЕШЕН ДЕН во 1993 година почина Блаже КОНЕСКИ

Декември 07, 2017

На 7 декември во 1993 г. во Скопје, почина Блаже КОНЕСКИ, учесник во Антифашистичката и националноослободителна војна на македонскиот народ, филолог, поет, универзитетски професор, академик. Роден бил во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 г.

Основно училиште учел во родното село, а гимназија завршил во Крагуевац, Србија. Студирал славистика на Универзитетот во Белград, Србија и на Универзитетот во Софија, Бугарија. Есента 1944 г., уште пред целосното ослободување на земјата, тој бил во привремениот државен и политички центар на слободната територија во селото Горно Врановци, Велешко и бил член на Агитпроп на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Тука бил преведувач, коректор и лектор на весниците и другите публикации. Бил член на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик и нејзин најистакнат претставник.

По ослободувањето од окупацијата работел како лектор на Македонскиот народен театар. Пред пошироката јавност се претставил во мај 1945 г. со предавањето „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ во Скопје. Од пролетта 1945 г. тој бил на работа во Министерството за просвета, учествувал во многу акции од областа на просветата и културата, а бил еден од основачите на Филозофскиот факултет во 1946 г. Подоцна учествувал во создавањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во 1953 г., на МАНУ во 1967 г., на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 г., на Друштвото (Сојузот) за македонски јазик и литература во 1954 г., на Македонскиот славистички комитет во 1963 г., на сп. „Македонски јазик“ и др.

Бил декан на Филозофскиот факултет во Скопје и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје (1958-1960). Бил член на академиите на науките на Хрватска (од 1962), Србија (од 1963), Словенија (од 1963), Босна и Херцеговина (од 1969), а потоа и на Војводина и на Црна Гора, како и на Австрија и Полска. Бил почесен доктор на универзитетите во Чикаго (од 1968), Вроцлав (од 1970), како и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил носител на наградите АВНОЈ, „Скендер Куленовиќ“, на Сојузот на писателите на СССР, на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата и др. 

                                                                                                             подготвил д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани