2win800x200

Мендо Трајковски тврди дека медот во маркетите е фалш, Агенцијата за храна и ветеринарство го демантира

Февруари 04, 2020

Претседателот на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија Мендо Трајковски не е регистриран во единствениот регистер на примарно производство на мед на Агенцијата за храна и ветеринарство, додека пак во единствениот регистер  на МЗШВ за производители оператори на пчеларско органско производство стои дека тој за 2018 година има статус на „преоден период“ и се уште нема сертификат за органско производство за пријавените 80 пчелни семејства.

Трајковски вчера беше најостро демантиран од Агенцијата за храна и ветеринарство откако за медиуми изјавил дека дури 80 отсто од медот што се продава низ маркетите во државата е фалсификат, и дека најголем дел е кинески.

Трајковски и за Апла.мк вели дека медот што се продава во маркетите е со сомнително потекло.

-Јас продавам органски сертифициран мед од 2006-2008 година. Медот што се продава  во маркетите, една тегла за 210 денари е со сомнително потекло и треба да се провери. Зошто таа цена во малопродажба е ниска ако се знае дека 250 денари е тегла мед на големо ако се откупува од индивидуалните производители. Агенцијата за храна и ветеринарство може да ме демантира, но нека испитува повеќе на пазарот каков мед се продава. Јас не реков дека е кинески тој мед туку дека е фалсификуван со гликоза. Затоа треба повеќе контроли, вели Трајковски за Апла.мк.  

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите на претседателот на Пчеларски сојуз на Македонија, Менде Трајковски, кој во изјава за медиумите  неосновано тврди дека македонскиот пазар е преплавен со фалсификуван неквалитетен мед по потекло од Кина и дека истиот се продава во маркетите.

- Како одговорна институција за безбедноста на храната и заштитата на правата на потрошувачите, најодговорно тврдиме дека во земјава се увезува безбеден и квалитетен мед и дека на македонскиот пазар не се продава мед по потекло од Кина. Увоз на мед од оваа земја не е реализиран ниту лани, ниту во 2018 година, велат од Агенцијата и додаваат дека „од лани увезените 35 пратки со мед, со вкупна количина од 220 515 килограми, најголемите количини, или 29 пратки тешки 156 238 килограми се по потекло од соседна Србија. Три пратки со вкупна тежина од 63 000 килограми минатата година се увезени од Молдавија, една пратка со 1 151 килограм мед е од Австралија и една од Франција, со тежина од само 126 килограми.

- Сите пратки со мед кои се увезуваат во земјава подлежат на задолжително лабораториско испитување при влез во земјава со цел контрола на резидуи и контаминенти, одредување на квалитетот на медот, начинот на пакување и означување и утврдување на евентуално недозволено присуство на антибиотици во медот. Од сите земени мостри од увозните пратки со мед, досега не се евидентирани отстапувања по однос на овие параметри, односно медот кој се увезува во земјава е безбеден и квалитетен, велат од Агенцијата.

Во 2018 година, во земјава увезени биле вкупно 420 649 килограми мед, најголеми количини или 252 000 килограми од Молдавија, 168 504 килограми од соседна Србија и 145 килограми мед по потекло од Франција.

А.Б

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани