2win800x200

НА ДЕНЕШЕН ДЕН роден е Коле Канински

Јануари 18, 2018

 

На 18 јануари 1914 година во село Канино, битолско, роден е  Никола ТОДОРОВСКИ-Коле Канински, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. 

По професија бил правник. Основнотои средното образование ги завршил во Битола. Во октомври 1933 г. заминал на студии по право во Белград. Тука се истакнал со дејноста во прогресивното движење.

Станал член на КПЈ во 1936 г. По завршувањето на факултетот во 1938 г. се вратил во Битола и продолжил со својот политички ангажман. Во 1940 г. станал член на Месниот комитет на КПЈ-Битола. На теренот бил многу популарен.

Во септември 1941 г. станал член на првиот Битолски месен воен штаб, што значи дека непосредно раководел со организирањето на партизанската борба во Битолско. Поради својата револуционерна активност во време на окупацијата бил неколкупати затворен, а есента 1942 г. се приклучил кон партизанските единици.

Во април 1943 г. станал началник на штабот на Партизанскиот одред "Даме Груев". По формирањето на Партизанскиот одред "Гоце Делчев" на 20 мај 1943 г. станал негов командант. Подоцна бил именуван за политички комесар на Вториот баталјон на Третата оперативна зона, познат и како Битолско-мариовски баталјон на Втората македонска бригада.

Бил избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ.

Загинал како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада, во несреќен случај на 22 јули 1944 г., при испробувањето на минофрлач кај селото Буринец на планината Караорман.

                                                                                                                          подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани