lijaku

 

Димитар Ефтимов ЛИАКУ

На 20 јануари во 1921 година во Скопје е роден Димитар Ефтимов ЛИАКУ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија и учесник во Антифашистичката војна 1941-1944 г., лекар-хирург.

Студирал медицина во Софија, а бил партизански лекар во 15. Македонски корпус на Сремскиот фронт.

Медицински факултет завршил во 1949 г. во Белград. Хирургија специјализирал (со прекини) во Скопје и ја завршил во 1954 г.

Во 1952 г. бил испратен како специјализант на работа во Битола, каде што останал до пензионирањето во јануари 1987 г. Бил началник на Хируршкото одделение, примариус и виш здравствен советник во Битола.

Добитник е на повеќе награди и признинанија на СРМ и СФРЈ и носител е на "Повелбата д-р Трифун Пановски" - највисоко признание на Македонското лекарско друштво.

 

Чукаловски Вангел

Вангел ЧУКАЛЕВСКИ

на 20 јануари во 1910 г. во Битола е роден Вангел ЧУКАЛЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, воен пилот.

Во предвоениот период бил пилот, со чин капетан во бившата Југословенска војска. Во време на бугарската окупација на Битола го помагал антиокупаторското движење, бил организатор и член на градскиот НОО, а во почетокот на 1944 г. се приклучил на партизанските единици.

Во 1944 г. станал член на КПМ и командант на Четвртата оперативна зона на НОВ и ПОМ. Бил командант на Првата македонска НОУБ од денот на нејзиното формирање 8 јуни 1944 г., па се до 25 септември 1944 г.

Унапреден во чин мајор на НОВ и ПОМ на 1 јули 1944 г. и станал прв помошник на началникот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од 25 септември 1944 г. Бил избран за делегат на Второто заседание на АВНОЈ и учесник на Првото заседание на АСНОМ. Бил одликуван од Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ со Орден партизанска yвезда во октомври 1944 г. и на 1 декември 1944 г. бил унапреден во чин потполковник на Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ).

По целосното ослободување на земјата од фашистичките окупатори ги стекнал највисоките офицерски чинови на Југословенската народна армија (ЈНА) и во нејзини рамки вршел разни одговорни должности. Починал во Белград, Србија, на 8 јануари 1983 г.

 

 

Русо Бено

Бено Исак РУСО

На 20 јануари во 1920 г., во Битола е роден Бено Исак РУСО, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, генерал-мајор на ЈНА.

Завршил основно училиште, бил механичарски калфа. Служел воен рок во 1941 г. и бил заробен од германските сили и спроведен во логор. Избегал од логорот, се вратил во Македонија и се вклучил во НОАВМ. Во 1941 г. станал член на КПЈ, а во 1942 г. борец во ПО „Јане Сандански“ и во ПО „Даме Груев“.

Во 1943 г. бил во баталјонот „Мирче Ацев“. Бил политички комесар на чета, на баталјон, на бригада и на 41. дивизија. Како политком на 15. (македонски) корпус учествувал во борбите на Сремскиот фронт.

По војната завршил Виша политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ и Виша воена академија. Во 1960 г. бил унапреден во чин генерал-мајор.

Во пензија бил од 1970 г. Одликуван бил со: Партизанска споменица 1941, Орден југословенско знаме со лента, Орден заслуги за народ од прв ред и др.

Починал во Скопје на 18 јуни 2006 година.

           подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 18 ЈАНУАРИ 1914

Во селото Канино, Битолско, е роден Никола ТОДОРОВСКИ-Коле Канински, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.. По професија е правник. Основното и средното образование ги заврши во Битола. Во октомври 1933 година замина на студии по право во Белград. Тука имаше забележителна улога во прогресивното прокомунистичко студентско движење. Стана член на КПЈ во 1936 г. По завршувањето на факултетот во 1938 г. се врати во Битола и продолжи со својот политички ангажман. Од 1940 година е член на Месниот комитет на КПЈ-Битола. На битолскиот терен, сред населението е многу популарен. Во септември 1941 г. стана член на првиот Битолски месен воен штаб, што значи дека непосредно раководи со организирањето на партизанската борба во Битолско. Поради својата револуционерна активност во време на окупацијата неколкупати е затворан, а есента 1942 г. се приклучи кон партизанските единици. Во апри 1943 г. стана началник на штабот на Партизанскиот одред „Даме Груев“. По формирањето на Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ на 20 мај 1943 г. тој е негов командант. Подоцна е именуван за политички комесар на Вториот баталјон на Третата оперативна зона, познат и како Битолско-мариовски баталјон на Втората македонска бригада. Избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загина на 22 јули 1944 г., како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада, во несреќен случај при испробувањето на минофрлач кај селото Буринец, Струшко, на планината Караорман.

НА ДЕНЕШЕН ДЕН,15 ЈАНУАРИ 1920

Во Битола е роден Петар (Пецо) БОЖИНОВСКИ-Кочо, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, народен херој. Како млад работник стана член на СКОЈ и нешто подоцна во 1941 г. на КПЈ. По фашистичката окупација e член на Воениот комитет при МК на КПЈ во Битола и го помага функционирањето на партиската техника. На 22 април 1942 г. е борец во редовите на првиот Битолски партизански одред „Пелистер“. Од 6 јули 1942 г. е борец и интендант во Битолско-преспанскиот партизански одред. Во јули 1942 г. од бугарскиот воен суд бeше во отсуство осуден на смрт. Во септември 1942 г. стана борец во Битолскиот партизански одред „Јане Сандански“. Во 1943 г. беше специјален курир при Главниот штаб на НОВ и ПОМ.  Во август 1943 г. е заменик политички комесар на чета во Партизанскиот одред „Даме Груев“, а потоа од јуни-октомври 1944 г. беше заменик политички комесар на Седмата македонска бригада. Во оружените борби двапати беше рануван. Прогласен за народен херој на Југославија на 2 август 1952 г. Почина во Скопје на 26 септември 1970 г.p

Подготвил: проф.д-р Александар Литовски, историчар

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ 1902

Во село Ѓавато, Битолско, е роден Трајан БЕЛЕВ-Гоце, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Предвоен печалбар во Франција, Канада и САД. Од 1928 г. стана член на Комунистичката партија на Америка. Заради учество во работнички демонстрации и работа на комунистичка линија од властите на САД повеќепати бил затворан, суден и физички малтретиран. На крајот, по десетогодишен престој, беше присилно екстрадиран од САД. Член на КПЈ од 1938 г. Во август 1940 г. стана секретар на комунистичката партиска организација во родното село, а нешто подоцна и член на Месниот комитет на КПЈ за Битола. Во време на бугарската окупација на Битолско беше многу активен во организирањето на вооружениот отпор. Во тој период најпрво е секретар на Првиот битолски реон на КПЈ. Потоа во 1942 г. стана и член на Окружниот оперативен воен штаб во Битола. Подоцна беше наименуван за политички комесар на Партизанскиот одред „Дамјан Груев“ и со него учествуваше во нападот на полициската станица во селото Кажани на 18-19 август 1942 г. Беше и заменик политички комесар на Првиот баталјон на Втората оперативна зона на НОВ и ПО на Македонија, односно на баталјонот „Мирче Ацев“. Загина на 6 октомври 1943 г., кај селото Кленоец, Кичевско во борба со балистичките сили.

Белев Трајан Гоце

 

 

 

 

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ 1910

Во село Лавци, Битолско, е роден Тодор АНГЕЛЕВСКИ-Строгов, Тошо Даскалот, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Основно образование заврши во родното село и Битола, а Учителската школа во Прилеп ја заврши во 1929 г. Потоа работеше како учител, и е меѓу најистакнатите прогресивни дејци во Битолско во периодот меѓу двете светски војни. Од триесеттите години на XX век стана член на КПЈ. По бугарската фашистичка окупација е еден од главните организатори на т.н. Илинденска демонстрација во 1941 г. во Битола. Заедно со Стив Наумов и Трајан Белев, во 1942 г. беше најзаслужен и најангажиран при формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“, на Битолско-преспанскиот партизански одред „Дамјан Груев“ и на Партизанскиот одред „Јане Сандански“. Бугарскиот фашистички суд во јули 1942 г. во отсуство го осуди на смртна казна. Во втората половина на март 1943 г. стана командант на реорганизираниот и бројчано зголемениот Партизански одред „Дамјан Груев“. Од мај 1943 г, беше поставен за командант на Втората оперативна зона на НОВ и ПО ба Македонија. Откако беше предаден, бугарската војска и полиција го блокира неговото родно село и тој на 23 јуни 1943 г. за да не биде заробен се самоуби.

 

Ангелевски Тодор Строгов Тошо Даскалот

 

 

 

 

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ 1921

Во Битола е роден Стево Христовски-Патако, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Студира на правниот факултет во Белград, а по окупацијата продолжи во Софија. Уште пред војната е член на КПЈ и се пројавуви со својата активност во редовите на прогресивното движење во Битола. Извесно време е секретар на Месниот комитет на СКОЈ. Во ноември 1941 г. ги подготвува радиовестите за илегалниот весник "Билтен" кој беше орган на Месниот комитет на КПЈ за Битола, редактиран од Стив Наумов и Љупчо Арсов. Во септември 1942 г. стана член на Месниот комитет на КПЈ за Битола и во него е одговорен за младината и младинската комунистичка организација СКОЈ, како и за функционирањето на партиската техника. Истовремено е член и на Окружниот комитет на КПЈ за Битола. Член е и на редакцијата на илегалниот партиски весник "Народен глас". За време на окупацијата, поради антиокупаторските активности, на два пати е затворан и жестоко измачуван. Кон крајот на 1942 г. беше уапсен и по тортурите во битолскиот затвор, бугарската полиција без изнудено признание и докази од него, го интернира во Кавала, во Егејскиот дел на Македонија. По априлско-мајската провала во партиската организација во Битола во 1943 г., бугарската полиција доби нови сознанија за неговата активност и се реши да го врати назад од интернација. Но, тој на битолската железничка станица успеа да му побегне на полицијата и продолжи илегално да живее и дејствува во Битола. Извршуваше најразлични одговорни партиски должности. На 28 јули 1943 г. беше повторно откриен и обиколен од бугарската полиција. Со оружје се спротистави на апсењето, но увидувајќи дека борбата е осудена на неуспех, за да не падне жив во рацете на непријателот со последнот куршум се самоуби.

Христовски Стево Патако 1

 

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани