2win800x200

Кавга меѓу Чулакоски и Груевски во Советот- кој манипулира и ја лаже јавноста?

Август 27, 2018

Расправата за извршувањето на кварталниот извештај на буџетот  на Општина Битола на денешната седница на Совет падна во сенка, откако независниот советник Иван Чулакоски се обиде да ги изедначи во политичката одговорност и работа  бившата и сегашната власт, па почна по име и презиме да ги обвинува дел од советниците од власта и опозицијата за ветеното, а не реализирано.

Првата негова мета беше претседателот на Совет, Валентин Груевски, потсетувајќи го на неговата изјава, да се врати седиштето на ЕЛЕМ во Битола и колку ќе биде ќар градот од повратокот на ДДВ-то. Груевски не остана рамнодушен на како што рече „манупулациите“ на Чулакоски па шест  пати во очи му потенцираше „ла- жи-те“. Дискусијата отиде дотаму што се докажуваа кој со кого бил во рушењето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и Владимир  Талески.

-Ние како независна советничка група дадовме еден предлог за враќање на седиштето на ЕЛЕМ во Битола. Колку и да не е точно и исправно и колку и да е мала ставката од повратокот на ДДВ-то, досега во буџетот  за првите шест месеци  ќе имавме некаде околу милион до милион и пол илјади евра само од тоа.

Изненаден сум од претседателот на Советот Валентин Груевски кој во изјава од 06 05 2011 година, изјави дека ЛДП ќе го донеси седиштето на ЕЛЕМ во Битола, бидејќи тоа  е логично и единствено исправно.  Исто и претседателот на ЛДП , Горан Милевски во неколку наврати изјави дека мора да се врати седиштето на ЕЛЕМ поради шетите коишто ги трпи Битола  од РЕК, обвини Чулакоски.

Груевски жестоко возврати на обвинувањата, велејќи му на Чулакоски дека ја манипулира јавноста.

-Неколку пати ви кажав за РЕК, вие лажите, еве отворено ви кажувам лажите. Седиштето на ЕЛЕМ нема врска со ДДВ-то, и повторно лажите  сега и тоа го кажавте и во ноември и во декември. Ла-жи-те! Едноставна е работата. Седиштето на ЕЛЕМ нема врска со пресматката на ДДВ-то. Сумата на ДДВ се издвојува по бројот на жители во една општина и се одвојува со посебна одлука на Влада. Ако е така како што вие кажавте, тие пари треба да одат во Општина Новаци... Кај има таков закон? Изјавата во 2011 година јас сум ја дал, но во однос на децентрализација на институциите, а не дека ДДВ-то ќе се зголеми, стојам зад тоа, возврати Груевски велејќи му на Чулакоски кога на интернет ќе го постира видео- клипот од својата дискусија да го постави и видео материјалот и од неговиот одговор во интерес на јавноста.

Но, дискусијата не запре тука, туку продолжи со реплики и контрареплики, па Чулаковски по излагањето на Груевски предложи да ангажира експерт кој ќе ја провери целата работа за да се види кој лаже.

-За тоа со ДДВ-то јас ви кажав не сум ни економист, ни експерт, а не е моја работа, од консултации знам дека  процентот  на ДДВ-то и даноците во Општина Битола ќе се зголемат со седиштето и може да направите споредба со Општина Центар. Можеме да ангажираме експерт еве јас ќе се погрижам, па да провериме дали е тоа така и да видиме кој лажи после, рече Чулакоски. 

Откако Чулакоски најави дека со експерт ќе го решаваат проблемот, Груевски, по втор пат зеде збор, велејќи му „за ДДВ-то се согласивме , мило ми е“.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани