Робертсон и Пендаровски ја поздравија Битола како стариот главен град на Македонија и повикаа да се гласа на референдум

Септември 19, 2018

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон ја поздави Битола како да е главен град на Македонија, откако и националниот координатор за НАТО во Македонија, Стево Пендаровски, рече дека таа е стариот главен град на Македонија и ги повикаа битолчани да излезат на рефрендумот. Тие гостуваа на трибината „За европска Македонија“ што се одржа на отворено на местото каде некогаш беше Белата фонтана во Битола.

 

„Би било погрешно да ви кажуваме како да гласате, но гласањето е најголем императив во моментот. Има изрека во политиката која вели ‘ако не гласаш немаш право на мислење’. Многу е важно секој од вас да излезe да гласа. Кога бев генерален секретар на НАТО јас бев приморан да ве нарекувам ФИРОМ. Тоа беше погрешно и може засекогаш да се промени на 30 септември. Договорот со Грција ви го гарантира идентитетот и културата, јазикот и ви ја отвора вратата кон Европа. Одлуката е едноставна: сега или никогаш“, им рече Робертсон на битолчани.

 

72-годишниот британски лабуристички политичар Робертсон, беше десеттиот генерален секретар на НАТО од 1999 до 2004, повеќепати ја имаше посетувано Македонија, особено за време на воениот конфликт во 2001. Робертсон беше еден од важните меѓународни дипломати кои помогнаа во решавањето на конфиликтот и постигнувањето на Охридскиот рамковен договор, потпишан на 12 август 2001. Во април годинава, Робертсон повторно дојде во земјава, како лидер на новоформираната неформална „Група Охрид“ за поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ.

Во Битола денеска испрати молба до народот во Македонија да размисли за иднината на младите генерации, на следните генерации и на оние кои веќе заминаа во странство.

„Дали сакате вашите млади да одат во Европа или ја сакате Европа тука? Ова е историски чекор за иднината на земјата“, рече Робертсон.

Пендаровски рече дека младите имаат позитивен став за референдумот, па ги повика навистина да излезат на гласање и да бидат генератор на позитивните промени во Македонија.

„Вие сите сте најкосмополитската генерација кој било кога живеела во оваа земја“, рече Пендаровски и додаде: „Не треба да читаме бајки и да веруваме секому, но НАТО ни помогна во 2001 година. Тогаш имавме три мисии на НАТО кои прво ја запреа војната во Македонија и направија амбиент за да се имплементира Рамковниот договор кој потоа ни овозможи да добиеме кандидатски статус за ЕУ. Значи, имавме и имаме вистински пријатели“, рече Пендаровски.

Градоначалничката Наташа Петровска изрази надеж дека со интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО ќе се намали и бранот на иселување.

„Ни се случуваше да ни бегаат младите надвор од државата. Во оваа учебна година имаме 200 првачиња помалку во Општина Битола. Најтажното е што оваа генерација беше родена во 2012 година и ако ја земете бројката кога тие се родија и сегашната кога се првачиња бројката е намалена за сто дечиња кои веќе ги нема во нашиот град, тие заминаа со своите семејства. Ова мора да престане. Дали во нашиот град веќе нема да ни бегаат младите зависи од нашето ‘за’“, рече Петровска.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани