2win800x200

За една година 3000 авторски текстови за битолски теми на Апла.Мк

Септември 23, 2018

За една година на Апла.мк објавени се околу 3000 текстови! Во просек по осум дневно. За 365 дена остварени се над 700 000 прегледи од наши читатели. Ова се бројките со кои нашиот он-лајн портал може да се пофали во првата година од своето постоење.

Апла.мк е млад медиум, на глобалната мрежа постои една година. Сепак за овој краток период се наметнавме како сериозен портал. Овие бројки се важни зашто наш фокус се исклучиво локалните случувања. Сите три илјади текстови се однесуваат на настани во Битола, Новаци и Могила.

Текстовите и фотогрфиите се авторски. Тие се наш труд, а не позајмен од некого, а уште помалку краден без да се знае изворот. Кај нас ретко има преземени вести, а никогаш не украдени.. Оттаму без лажна скромност можеме да кажеме дека во изминатите месеци бевме еден од најпренесуваните локални медиуми, ајде да не велиме препишувани. Секојдневно водиме битка со непрофесионални он-лајн медиуми кои крадат вести, прикажувајќи ги како свои. Ќе продолжиме со битката зашто копи –пејст новинарството како црв го јаде професионалнизмот во журналистиката. Копирањето на една иста вест од море портали и блогови , се помалку остава простор за истржувачко и аналитичко новинарство..

Да се остане професионален, во време на лажни вести, дезинформации и пропаганда, во време на хаос во медиумскиот простор, посебно во онлајн медиумите, не е предизвик, туку обврска. Секојдневно се соочуваме со сензациолистички пристап во порталите. Некакви блогови каде има класична манипулација со читателите. Се објавуваат наслови кои апсолутно немаат допирна точка со содржината. Вести кои ниту минимум не ги задоволуваат професионалните стандарди и во буквална смисла на зборот наликуваат на чаршиски муабети. Овој начин на информирање го контаминира медиусмкиот простор, а публиката го губи чувството да препознае што е професионално пласирана информација, а што лажна вест.

Наспроти ваквото новинарство, иако во помал број, за среќа се уште има професионалци, кои го минуваат потешкиот пат за содзавање точна и објктивна информација. Да се провери веста од неколку извори, да се обезбедат изјави од релевантни лица, да се слушнат сите засегнати страни, да се излезе на терен и да се обезбеди фотографија, за крајниот производ што ќе се понуди на публиката да информира, а не да дезинформира. Ние ветуваме дека бескомпромисно остануваме на курсот на професионалноста.

Кога пред една година го основавме порталот, лица од општествениот живот во Битола ни честитаа со зборовите „зошто чекавте толку долго?“ Но, нив и една година им беше малку да ја лајкнат нашата страница или некој наш текст иако редовно ги читаат. Покрај секојдневните борби со непрофесионализмот кој постои на медиумските простор, мора да се признае дека сме соочени и со битолскиот синдом на самоуништување. Ние овој пат создадовме портал, наш битолски, каде нема Скопје да одлучува што ќе се објавува, а што не, а сепак има битолчани кои повеќе милуваат да бидат фанови на скопски медиуми и медиуми од други градови кои еднаш неделно објавуваат текст за Битола.

Но, ништо не ќе не попрече на патот по кој тргнавме, а тоа се информации од нашиот сокак, кој за некој од метрополата е тесен, но за нас останува доволно широк.

Редакција Апла.мк

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани