2win800x200

Интервју со Ана Жежовска, актер во Младинската секција при Интимен театар „Тивко е по улиците и меѓу луѓето поради миграцијата и недостигот на комуникација“

Октомври 09, 2018

Жежовска е професорка по германски јазик, но во претставата „Меѓу нас е тивко“ се јавува и како актер во Младинската секција при Интимен театар во Битола. Иако млада, секцијата е доволно возрасна за преку театар да проговори за најгорливите проблеми на Битола кои со години наназад беа премолчувани во повеќето театарски претстави во градот.

 

-Од каде чувството дека „Меѓу нас е тивко“? 

Насловот на нашата театарска претстава "Меѓу нас е тивко" ја рефлектира тажната реалност во времето во кое живееме. Како резултат на емиграциите кои секојдневно ескалираат и недостатокот на комуникација меѓу нас, тивко е во нашата држава, тивко е по улиците, тивко е меѓу луѓето.

-Зошто се одлучивте миграцијата да ја претставите преку театар?

 Живееме во време кога секој втор млад човек одлучува да замине, обидувајќи се да си обезбеди поквалитетни услови за егзистенција, за работа или образование. Театарот е наше изразно средство. Сето незадоволство или задоволство кон моменталната или било која ситуација, најдобро го покажуваме преку театарот. Театарот би бил нашиот начин на живот. Кога нашиот режисер со кој досега работевме одлучи да емигрира, сфативме колку е сериозно кога една алка од синџирот ќе фали. Недостига, не функционира како порано. Секојдневно се иселуваат и нашите другари и едноставно не можевме да сме апатични или рамнодушни кон проблемот кој очигледно постои. И кога некој ќе замини останува празнина, која прашање е дали и како ќе биде пополнета.

-Раскажете ни повеќе околу содржината на претставата. Која сцена е најемотивна? 

Во претставата се обработени меѓуетничките и меѓучовечките односи, животот на младите луѓе во земји каде војната, насилството или тероризмот се случуваат секојдневно. Несакана бременост, сексуално преносливи болести и абортус кои се јавуваат како недостаток на комуникација или неинформираност кај младите. Обработена е и депресијата како модерна болест на 21 век, која никој не ја третира, а се повеќе луѓе боледуваат од неа. Практично опфатени се табу-теми за кои никој не зборува, а кои теми предизвикуваат проблеми, секојдневно. А проблемот може да се реши само доколку на истиот му се погледне во очи. Финалето, во кое ние споделуваме зошто остануваме, а не ја избираме емиграцијата, и тоа како е емотивно. Тука се наоѓа секој. Тука сите имаме „кнедла“ во грлото. И подголтнуваме. Или крикнуваме.

-Која е крајната порака? 

 Капиталната порака која би можела да се извлечи е дека ние луѓето треба да престанеме да сме сурови, егоцентрични и апатични, ами треба да сме социјално одговорни и емпатични. Сите ние сме различни, секој со себе носи различно тежок емотивен багаж. Осудување е најдостапната и најкористената алатка. А тоа е најлесно. Ние младите треба да се прифатиме и заедно да се бориме против негативните околности кои не гушат.

-Кој се учествува во претставата? Дали сте актери, средношколци, студенти? 

Актерите во претставата се Валентин Дамчевски, студент на Меѓународен славјански факултет, Ана Жежовска и Симеона Павловска, професорки по германски јазик и германскојазична литература. Технички соработник е Антонио Ивановски, студент на англистика, Педагошки Факултет. Режисер е Димитар Шутевски, професор по германски јазик и ментор на групата е режисерката Софија Ристевска, сопственичка на Интимен Театар.

-Колку време постои оваа младинска секција, колку претстави до сега поставени и која е мисијата? 

 Младинската сцена при Интимен Театар постои веќе пет години. Поставени се шест театарски претстави. Нашите претстави се играни многу често, гостуваат на фестивали во земјава, но и во странство. На фестивалите истите се оценувани од стручно жири и наградувани.Последнава претстава „Меѓу нас е тивко“, чија премиера беше во мај, оваа година, досега доживеа 10 изведби, од кои две фестивалски. На ДАФ во Кочани доби ГРАН – ПРИ, а на Фестивалот на љубителите на театарот во чест на Крсто Пишурка во Лом, Бугарија, доби Втора награда во конкуренција на 22 претстави. Нашата мисија е да работиме социјално ангажиран, емпатичен и критички настроен театар. Театарот е алатка со која ние се обидуваме да ја обликуваме нашата реалност. И продолжуваме, свесно, активно да го трасираме нашиот пат.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани