МАНАСТИРСКАТА ТРАНСВЕРЗАЛА МЕЃУ БИТОЛА И ЛЕРИН

Октомври 11, 2018

Границите и политиката го делеле народот, а манастирот Свети Илија подигнат меѓу битолското село Драгош и леринското Опсирани (Етникон) го обединувал. Мештаните раскажуваат кога тука не минувале граници тој бил храм на двете села, а верниците заеднички го славеле Илинден. По Балканските војни се поставила граница која во прво време го пресекла манастирот на пола, за што сведочи и зачуваниот граничен камен.

Доаѓале и други војски, границата се поместувала полево, подесно, објектот се запуштил. Пред давесетина години со донации на македонски иселеници од странство, меѓу кои и од Егејска Македонија, манастирот се обновил. Така не згасна традицијата, па за верските празници посебно за Илинден, храмот претставува собиралиште на жители од Македонија и денешна Грција.

 -Манастиот се издига пред сама грчка граница, граничниот камен е на десетина метри од објектот. Од едната страна се гледа Драгош, а од другата Етникон. Порано немаше граници. Манастирот го посетувале луѓе од двете страни, имаше и стар конак. Доаѓаа од Буф, Ракови, Света Петка, Глабучишта, Долно и Горно Клештина, а од тука од Драгош, Граешница, Велушина. Доаѓаа со спиење за Илинден. Но, кога ги поставија границите во 1913 година манастирот беше половина во Грција, половина кај нас. Во 1918 пак повторно границите ги местеа и беше прашано кој го слави Илинден, а тоа беше селото Драгош, па манастирот остана кај нас- раскажува Миле Поповски, жител од Драгош.  

Освен војските и границите, манастирот бил сведок и на житвотната драма на Македонците од Егејскиот дел кои во 1946 година ги напуштија огништата и пребегаа во Македонија. Некои од нив границата ја минаа токму кај „Свети Илија“.

-Тука донатори изградија и конак во делкан камен. Меѓу нив и фирма во која директор бил битолчанец кој како дете со семејството пребегал од Буф. Преку „Свети Илија“ слегле в село, во школото минале една вечер, а потоа ги однеле во Битола. Сигурно заради споменот тука учествувал во изградбата на конаците–вели Поповски..

Во селото се раскажува дека границата не успеа да ја избрише манастирската трансверзала. Се работи за невидлива линија која ги поврзува трите манастири што го носат името на Светиот Илија. Едниот е позади Битола во селото Крклино, другиот позади Лерин во месноста Невољани (Скопиа), а помеѓу нив овој кај Драгош на самата граница. Меѓу сите има растојание од 25 километри, имаат исто име, градба и се издигнати на рид на надморска височина од 800 метри.577750 10151270239338670 989643684 n

 Кај манастирот над Дргош, прекутрупа по ридот, се искачуваат сточари од другиот крај. Велат дека болката им е заедничка со селото на македонска страна. Населбите иако оддалечени на неколку километри, немаат патна инфраструктура, па жителите за да ги постетат роднините или да запалат свеќа во црквата кружат со километри. Во југозападниот дел на државата функционира само една сообраќајна врска со соседна Грција. Освен граничниот премин Меџитлија, непроодни се повеќе локални премини.

                                                                                   

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани