Серија потпалувања на општински и приватен имот во Могила, уште не се откриени сторителите

Октомври 19, 2018

Непознати лица со месеци потпалуваат штали, бали добиточна храна и уништуваат ниви во пелагониското село Могила. За десет месеци изгореа околу 5.000 бали сено, слама, луцерка, над 1.000 килограми собран тутун, a земјоделски производи се уништени и по нивите. Пожарите избувнуваат навечер, најчесто по полноќ, кога нема луѓе по нивите и шталите. Мета бил имотот на Општина Могила, на луѓе од локалната власт и други вработени во општински институции.

Последниот од серијата пожари се случил на шести октомври, кога биле запалени шталата и плевната на Илче Велевски, вработен во спортската сала во Могила. Општетениот сопственик се сомнева дека некој ги потпалил намерно, додека тој со семејството бил на свадба..

 

„За време на свадбата мене ми се испразни батеријата од телефонот. Соседот ѕвонел, но не успеа да ме добие. Кога стигнав пожарот беше распламтен, успеав да ги спасам само кравите. Во огнот изгореа две и пол илјади бали со луцерка, 300 бали со слама и 300 бали со сув тутун. Се сомневам дека некој ова го потпалил, оти и претходно ги запалија саламата и сеното на семејството на градоначалничката. Случајот го пријавивме во полиција, но оттаму уште не ни јавиле дали ги откриле виновниците“, рече Велевски.

Пиороманската треска започна на петти јануари годинава, кога беше изгорена сламата во сопственост на Општина Могила, а која била наменета за производство на пелети за затоплување на општинста зграда и школото во Беранци. Во пожарот изгореле 800 бали слама. Причинета била материјална штета од илјада евра.

Летово на петти август, во еден часот по полноќ избувнал пожар на нива сопственост на семејството на градоначалничката Јасмина Гулевска. Биле опожарени 1.500 бали сено и слама.

„Во еден часот по полноќ од непознати сторители со запаливо средство беше подметнат пожар при што беше запалена слама во сопственост на фамилијата Гулевски. Претходно во јануари, неколку месеци по локалните избори, беше запалена сламата сопственост на Општината, наменета за пелети. И двата случаи се пријавени во полиција, од која очекуваме да ги пронајде и открие сторителите“, рече тогаш градоначалничката Јасмина Гулевска.

Во меѓувреме, во два наврати им беа уништени нивите со тутун на советник од Општина Могила и лице вработено за одржување на стадионот во Општината. На советникот нивата со тутун му ја испрскале со отровно средство, а на другиот могилчанец со механизација му го полегнале и уништиле тутунот.

Ваквите настани предизвикуваат страв кај жителите на Могила кои прашуваат чиј имот ќе биде следен на листата на потпалувачите и уништувачите и дали е ова политичка пресметка? Тие бараат од полицијата да се разветлат случаите и да се казнат сторителите. Инаку, селото покажа солидарност обезбедувајќи 2.000 евра помош за Велевски да може да ја покрие шталата и да си го собере добитокот. Воедно му беше обезбедена и сточна храна за потребите на добитокот во текот на зимата.

Од СВР Битола велат дека истрагата уште трае и се работи на откривање на сторителите.

(Извор: СДК.МК)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани