Василичарски спомени од 2010 година- Планинари ветерани на возраст над 80 години пеш се качуваа на Копанки за да свртат мазник со паре

Јануари 12, 2019

Група битолски планинари ветерани, некои во деветтата деценија од животот, пеш се качуваа до Копанки зашто не работеше жичницата, а горе свртија мазник со паричка на 1.500 метри надморска височина.

 

Сукан мазник со паричка за среќа в очи големиот христијански празник Василица беше свртен на Пелистер на надморска височина над 1500 метри. Ова е оригинална идеја на група повозрасни битолски планинари кои адетот наместо по градските кафеани, го направија во планински амбинент кај домот „Копанки“ на Пелистер. Ова сигурно е најуникатниот начин во Битолско како да се прослави доаѓањето на православната Нова година и празникот Св.Василиј Велики, познат меѓу народот како Василица.

Учесниците во василичарскиот поход на Пелистер раскажуваат дека не се работи за иницијатива во зачеток, туку за дружба која традиционално се одржува веќе 12 години. Меѓу нив има и планинари кои ја заминале осумдесетката, а сепак се витални и низ стрмен терен, пеш, се искачија од местото викано Копанки.

-И да грми, и да врни, мазникот мора да се сврти. На грб носам 81 лето, но овој пат воопшто не ми паѓа тешко зашто сум искусен планинар, до лани се искачував на Езера. Не смее да згасне традицијата. Досега среќата не ми се насмевнала во друштвово да ми падне парето, а би посакал само една желба, да бидам млад и уште многу години да можам да уживам во убавините на планината- вели Пеце Јовановски- Маричо, познат битолски планинар.

Претходните години додека работеше жичницата, мазникот во тепсија патувал по неа. Сега мезето планинарите го носеа на рамо. Како храната, така и неодминливите реквизити за славење, гитара и примче. Мајстор за гитара на седенките е Томе Митревски, а за примчето задолжен е Коле- Дограмаџијата, за него велат дека е единствениот мајстор во градот кој знае да поправи оштетени жичани инмструменти.

-Првите македонски шлагери се пееле на Пелистер. Порано текстописецот Јово Вељанов ги свирел на хармоника. Сега ние се обидуваме да доловиме дел од таа атмосфера-вели Митревски.

Откако тајфата се искачи на Копанки започна неколкучасовната седенка испреплетена со стари песни кои денес претставуваат музичка реликвија. Ретко каде можат да се чујат на друго место. Убавината е во тоа што групата не звучеше дисхармонично, туку песните ги изведуваа како навежбани во три гласа. Се нижеа планинарски песни за пелистерското ехо, за пиринското цвеќе еделвајс, љубовните стихови „мај ли беше или јуни„, па и за чкембе чорбата кај Јонче Кривашија кој се пошегувал со Керим паша дека е вкусна зашто е приготвена со вода од Драгорот.

Жално беше што годинава меѓу славениците ги немаше познатите битолски занаетчии Стив Чевларот и Јанко Казанџијата. Тие ја живеат деветтата десетка од животот и не можеа да се искачат на Пелистер. Пред неколку години другите планинарите што би се рекло на раце ги качија на Копанки за одозгора да украдат уште некој миг уживање во пелагониската панорама.

-Ни лошото време не можеше да не спречи да го сториме адетот. Еднаш врнеше силен дожд на Пелистер, потоа прерасна во лапавица, па зафучи ладен ветер, се во шумата како да се претвори во мраз. Паѓаа борови, одвај се пробивме низ патеката- се присетува Митревски.

Стара нова година ја чекале тука и на 20 степени под нулата. Годинава одвај заснежи. Но, велат зима без снег не ја бидува.

-Можат да ни се придружат сите битолчани кои се вљубеници во планината, кои ќе се обврзат дека идната година ќе ја продолжат традиција. Но, жално е што подмладок има многу малку. Ние кога растевме бевме сто пати посиромашни и во најефтини партики ја шетавме планината. Во сабота, на лето, во Копанки дури по масите се спиеше оти немаше слободно легло. Сега треба хеликоптер да ги донеси младите на ова место- додаваат дел од планинарите.

Парето од мазникот му падна на големиот вљубеник во планината, Цане Ѓуц. Претходните години тој ксмет го имаа Миле Војно, Николче Мамазо, Соколе Домарот...Сепак, покрај вакво друштво и традиција, едно е сигурно, најголемиот ксметлија е Пелистер.  

Ж.З.

(Текстот беше објавен на 13 јануари 2010 во весникот „Дневник“. За жал, архивата е избришана и не можеме преку фотографија да ви го доловиме настанот. Дел од планинарите ветерани спомнати во текстот сега веќе не се меѓу нас)

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани