2win800x200

„За загадениот воздух решението да се бара во науката“-интервју за апла.мк со проф. д-р Цвете Димитриеска-Технички факултет-Битола

Февруари 04, 2019

          Битола и оваа зима со гуши во загаден воздух.

Насловите во медиумите дека „Битола е најзагаден град во Европа“, се пишуваат неколку години назад. Кој и со што го загадува амбиенталниот воздух во Битола? Кои се решенијата што можат да се применат веднаш? Постои ли долгорочно решение  за намалување на ПМ 10 честичките во воздухот? На оваа тема разговараме со Ред. проф. д-р Цвете Димитриеска  - Технички факултет – Битола, професор на Машинскиот отсек – Енергетика. Професорката Димитриеска  ги предава предметите: Парогенератори и постројки, Топлински турбомашини, Вовед во принципите на заштитата на животната средина, Управување со проекти во енергетиката  и др.

Нејзината тема на докторска дисертација е  Струјно топлински процеси и прочистување на загадени гасови во Вентури апарат интегриран со плочест топлиноразменувач“, 2007 год.

 

Кој, или кои се најголемите загадувачи на амбиенталниот воздух во Битола?

Битола е сместена во котлина, со средна надморска височина од 650 m, источно положена на низина, западно на висока/и планина/и, со изложеност на најчест правец на ветрови од север и југ. Проектната температура за зимски услови за Битола е -18оС. За котлините е вообичаен феноменот на температурна инверзија, кога загадените воздушни маси остануваат подолго време на висина на урбана средина, при што формираниот „поклопец“ се „отвара“ под дејство на силно движење на воздушните маси. Во Битола сеуште е голем бројот на домаќинства кои користат огревно дрво како енергенс за загревање за време на грејна сезона, како и мазут, екстра лесно, друго цврсто гориво, за жал и отпад. Бројот на индустриски капацитети во Битола, споредено со периодот пред транзицијата, кога во Индустриската зона работеа голем број на индустриски капацитети, е драстично намален. Бројот на автомобили на територија на општина Битола, од кои најголем број се половни е неконтролирано зголемен, при што истите не поседуваат соодветни филтри, катализатори. Неофицијално, бројот на жители е намален на околу 60000 жители кои живеат и гравитираат кон Битола, наспроти прирастот на нови градби кои значително ја нарушуваат струјната слика на воздухот, особено во централното градско подрачје. На 16 km источно од Битола е најголемиот енергетски потенцијал во Македонија, внимавајте не велам најголемиот загадувач .... РЕК Битола. Од наведените факти логично се поставува прашањето кој најмногу загадува во Битола? Одговорот е СИТЕ ЗАЕДНО.... Неблагодарно е прстот да се впери во некој од наведените загадувачи... Во различен период од денот, вредностите на концентрациите на загадувачките компоненти во воздухот, се менуваат. Извиканите ПМ10 честички се со најголема концентрација во вечерните часови, на крај на работното време, при поинтензивно греење во домовите, но тогаш се намалува интензитетот на сообраќајот.

Има ли за Битола решенија кои може да се применат веднаш, сега, за намалување на аерозагадувањето?

Во Битола во делот на краткорочни решенија, може да се превземе следното: на преминот најпознат како „пред Епинал“, каде евидентно според мерната станица загадувањето е најголемо, може во текот на денот да се постави монтажен премин, односно мост за пешаците, а сообраќајот на возилата да се одвива непречено, без задржување. Истото важи и за преминот кај Камен мост и на други фреквентни места. Во вечерните часови од 17 до 22 h може сообраќајот во централното градско подрачје да се регулира, пренасочува, со цел да се растерети. Како на лето, така и во зима, нека се затвори преминот кај Епинал. Сообраќајната полиција како и останатите надлежни, да не дозволат регистрација на патнички и други автомобили кои не ги задоволуваат минималните еко стандарди. Тоа секако дека треба законски да се регулира. За да се отстрани „отпадот“ од стари возила, државата може да овозможи субвенционирање или поволни кредити со кои, ете ќе се обнови возниот парк во државата, дури и ќе се зголеми и безбедноста на сообраќајот...ново си е ново!

Што со домаќинставата како загадувачи, огревното дрво, особено влажното е посечено како најсериозен загадувач на воздухот?

Во делот на индивидуалните извори на загадување, користењето на влажно огревно дрво е голем проблем, користењето на друг видови на „сомнителен“ енергенс, исто така. Затоа, државата или локалната самоуправа, веќе се префрламе на краткорочни и долгорочни решенија... треба да изготви регистар или како и да се вика, преку попис на домаќинства, со вид на користено гориво, квадратура која се грее, годишна потрошувачка, цена која ја плаќаат за време на грејна сезона ... значи може да се извлечат податоци за социјално загрозени семејства, на кои може да им се помогне во делот на проблемот со загревањето.

Но, колку туку има влијание градежната експанзија и непочитувањето на правилата за градење?

На неконтролираното градење на објекти, особено во централното градско подрачје, треба да се стави крај. Согласно модерните архитектонски решенија, може да се предвиди задолжително зелена површина дури и на спратовите на висококатниците, дрво на секој балкон... што не е непознато решение во Светот.  За индустриските капацитети, толку колку што се, такви какви што се, како извори на загадување, се задолжени инспекциските служби, кои ако постапуваат согласно законот, може да ја контролираат емисијата на загадувачки компоненти од ваквите извори, во рамките на законските регулативи и препораки. На хартија се е убаво ставено..

Дали сметате дека лекот против загадувањето во градот е гасификацијата?

За гасификацијата како „предолгорочно“ решение во оваа прилика, не би зборувала...

Што е со свеста на битолчани околу овој проблем? И дали воопшто е потребно она „седете си дома“ ?

Во делот на подигнување на свеста на граѓаните, со поставување на мерните станици, тоа е во ред и како мерка е за поздравување, гледам во Битола последната недела се ставени во функција уште неколку мерни места, вкупно 7, со тенденција да се зголеми бројот. Но што со тоа? Кога ќе се погледне на апликацијата „Мој воздух“ или на web-страната на Министерството за животна средина и просторно планирање, вредност од.. на пример 600 μg/m3, јас на сите, и на моите студенти им велам … седете дома. Но мора да се потенцира дека, тие вредности се моментални и се однесуваат за непосредната околина на мерното место.

Имате ли впечаток дека загадениот воздухот во Битола има политички вкус? И според Вас која е адресата каде што треба да се бараат решенијата за загадениот воздух?

Сметам дека не треба проблемот со загадувањето да се користи за партиски или било какви дневно-политички препукувања, најмалку треба да се бараат помали или поголеми виновници во ваква ситуација. За поздравување се мерките кои се превземаат од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, Фондот за иновации и технолошки развој, ја поздравувам и реакцијата на невладините здруженија, екологистите... Во оваа прилика би сакала да споменам, дека Државниот завод за статистика како и Министерството за животна средина и просторно планирање, години наназад издаваат Годишни извештаи во кои со бројки и факти, може да се согледаат одредени податоци и да се извлечат релевантни заклучоци. Луѓето работаат, но имам  впечаток дека тоа не е доволно афирмирано, да стигне и до обичниот човек...           

Но ќе потенцирам, решенија за проблемот да се бараат по факултетите, институциите, стручните лица и останати релевантни чинители. На Технички факултет во Битола, постои студиска програма Инженерство за заштита на животната и работна средина, на прв и втор циклус на студии. На трет циклус студии се работат докторски теми од оваа проблематика. Колегата, ред. проф. д-р Владимир Мијаковски е ментор на докторска дисертација која е на актуелна тема, поврзана со изворите на загадување од PM10 честички во регионот на Битола, при што ќе се добијат релевантни и издржани податоци, за кои вреди да се дискутира во иднина. Затоа, да не се остава проблемот за следната зима. Во делот на среднорочни, особено долгорочните мерки за справување со проблемот на загадувањето, треба да се почне од „вчера“.

апла.мк

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани