2win800x200

Ученици организираа свечена детска академија за хероизмот на партизаните од одредот „Пелистер“

Мај 03, 2019

Со свечена детска академија учениците од трето в одделение од Основното училиште „Елпида Караманди“ одбележаа 77 години од херојската  смрт на партизаните од народноослободителниот одредот „Пелистер“.  Свечената академија ја одржаа на оворено на плоштадот „Магнолија“, а содржината под водство на наставничката Фачне Јошевска ја подготвуваа три месеци.  

 

„Целта беше да се одржи манифестација која треба да нѐ потсети дека историјата е лекција од која треба да учиме како да ја градиме иднината. Образованието има обврска да ги развива индивидуалните вредности кај секој ученик, но истовремено да го стави темелот на она што значат општествени вредности кои се развиваат доколку научиме да ги почитуваме и да не дозволиме да се заборават личностите и настаните во минатото кои се основата на нашето денешно постоење“, рече наставничката Јошевска.

Изработија колаж фотографии од најмладиот народен херој Фана Кочовска

На свечената детска академија учениците изведоа музички точки и рецитираа поезија од Лазо Каровски и Ацо Караманов. Музичките точки беа пропратени со инструментална изведба на ученици од Државното музичко училиште во Битола, на кои име сме благодарни.

 На претседателот на ОО на Сојузот на борци Битола, Александар Трајковски, учениците му дадоа колаж од фотографии од приватниот албум на Фана Кочовска - Цветковиќ, која беше најмлад прогласен народен херој во поранешна Југославија.59389324 2423894311176933 2756059112021164032 n

Во 1942 година над селото Лавци и во близина на селото Ореово, Битолско бил разбиен битолскиот народноослободителен одбор  „Пелистер“. Откако бил лоциран од бугарската војска и полиција, наредниот ден бил опкружен и разбиен на трети мај 1942 година. Притоа загинале народниот херој Елпида Караманди, која всушност, била тешко ранета, заробена и набрзо свирепо убиена, Димитар Николовски-Таки Даскало, Димче Хаџи Поповски, Мара Јосифовска-Ѓурѓа, Ордан Михајловски-Оцката и Ордан Орданоски-Сандански. Заробени биле Ѓорѓи Наумов, Кочо Десано и Блаже Димитровски, кои биле одвдени во скопскиот затвор и таму подоцна биле обесени. Останатите партизани од Одредот успеале да се спасат и илегално да дејствуваат во Битола.

По повод 77 годишнината од разбивањето на четата, ви ги пренесуваме записите на историчарот Јован Кочансковски за хероизмот на партизаните. Забележал дека по крвавиот бој во Ореовската корија окупаторската војска не можела да поверува дека водела борба само со седум партизани, од кои три жени.  Поради лутиот отпор и голема пожртвуваност што ја пружиле борците, непријателот отпрво мислел дека спроти себе има цела баталјон, а не само неколкумина борци.

Одредот бил  разбиен на вчерашен ден пред 77 години

Повикувајќи се на сеќавања на партизански активисти, Кочансковски запишал дека првиот битолски партизански одред бил формиран на 22 април 1942 година. Него го формирал Стив Наумов, како раководител на Месниот воен штаб и во таа прилика зборувал за значењето на народно-ослободителната борба и придонесот што кон неа требало да го даде одредот „Пелистер“. Народната песна вели дека одредот бил формиран во Лавчанската корија кај Дванаесетте кладенци. Во стројот имало 21 партизан, а за политички комесар бил избран Таки Даскало.

Бројниот состав на одредот го сочинувале 16 партизани од Битола и 5 од Прилеп, меѓу кои имало четири партизанки. По формирањето започнала обука за ракување со оружје и тактички вежби. За тоа биле одговорни Тодор Ангелевски- Строгов и Киро Крстевски –Платник. Посебно внимание се посветувало на идеолошко-политичката и културно-просветната работа.59463190 296625541240172 5167985064666988544 n

Предавството на селскиот говедар

При крајот на април започнале со подготовки за одбележување на Први Мај. Сите имале одредени обврски, кој обезбедување, кој припрема на храна или подготовка на програма.

Според записите на Кочанковски,  неочекувано во близина на логорот се нашол селски говедар од Брусник. Наводно, за да види што е тоа таму во шумата што чади. Стражата го привела, а Штабот откако го сослушал, одлучил да го ослободи за да не го бараат од селото. Партизаните не процениле што ќе изроди посетата на говедарот. Тој, откако бил ослободен, го известил кменот во Дихово, а тој окупаторската војска.

Така, Први Мај во реонот на партизанскиот логор пристигнала воена патрола која заробила тројца невооружени борци, кои прибирале дрва за потребите на логорот. Меѓу заробените бил и командантот на одредот Ѓорги Наумов, братот на Стив Наумов.

Одредот бил приморан да се префрли во Ореовската корија. Но, таму освен заробените партизани ги немало и оние што претходно чувале стража. Борбениот строј на 21 се намалил на 16 борци. Имале потреба да воспостават врска со партизаните од градот, но тоа било оневозможено поради блокадите на окупаторската војска. Еден од партизаните се предал и го предал и одредот. Благодарение на тоа непријателот имал податоци каде се наоѓал одредот, кај месноста Г.Збел и Неолица.

Останале 14 борци и наместо да го напуштат тој терен  и да отидат на посигурно место, во Грција или преку Пелистер во италијанската окупирана зона, се обиделе да воспостават врска со Стив Наумов, во Битола испратиле уште двајца борци и бројот им се намалил на 12.

На боиштето останале седумтемина  најхрабри

На трети мај војниците од 54 пешадиски полк и фашистичката полиција од Битола ја започнале операцијата за ликвидирање на партизанскиот одред. Непријателската војска им била на дофат на очите на партизаните. Бидејќи немало друг излез, вооружената борба со бројно и технички надмоќните окупаторски сили била неизбежна. Но, и во такви услови двајца успеале да го избегнат опкружувањето, еден ги напуштил позициите и двајца се предале.

На боиштето се нашле седумте најхрабри,  од кои четири партизани и три партизанки: Taки Даскало, Елпида Караманди, Димче Хаџипоповски од Битола и прилепчаните Мара Јосифовска-Ѓурѓа, Венда Темелковска-Ѕвезда, Јосиф Ордановски-Јоска и Ордан Михајловски- Оцка. Тие останале доследни на заветот за борба за слободна Македонија. Свесни за неизбежноста на ситуацијата, останале непоколебливи, решени пред олтарот на слободата на татковината, да го положат најскапоценото- младите животи, запишал Кочанковски.

Во жестоката и нерамна борба , од седмтемина херои, жива, но тешко ранета била заробена само Ѕвезда.

Кога окупаторските војници и полицајци дошле на местото на борбата, не можеле да поверуваат дека нивната единица водела борба само со седум партизани , од кои три жени.  Тешко ранетата Ѕвезда била сведок на масакрирањето на мртвите тела на партизаните.

Загинатите борци од Ореовската епопеја, најпрво биле префрлени во болницата каде бил утврден нивниот идентитет, а потоа закопани кај полициската градина на патот за Охрид.

Конечниот биланс на првиот битолски партизански одред бил шест загинати во непосредна борба со фашистичката војска и полиција, двајца обесени во Скопскиот затвор ( Ѓорги Наумов и Блаже Рогузинаро) и девет осудени на разни временски казни. Четворица кои успеале да ја избегнат окупаторската освета повторно заминале во партизани, меѓу нив бил и Строгов. 58895088 2760991680605895 1793057341801758720 n

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани