Хрватската Марлен Дитрих ги освои битолчани

Мај 11, 2019

Изведувајќи една од најопеаните шансони на дваесетиот век „Лили Марлен“, како и други музички нумери на големата и незаборавна Марлен Дитрих, хрватската актерка Ксенија Прохаска ги воодушеви битолчани. Со врвна сценска изведба, многу емоции и солзи, но и со прекрасен алт, таа синоќа настапи со монодрамата „Марлен Дитрих“ на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Таа пред публиката изведе незаворавно музичко-сценско шоу, што би се рекло во еден здив, со драмско-кабаретски колаж посветен на животот на германската и американска филмска дива, пејачка и кабаретска ѕвезда на дваесеттиот век. Со емотивни фрагменти од Берлин, преку Холивуд и Париз, со незаборавните нумери за Берлин Прохаска, воодушевената публика ја почести на бис со уште една шансона од Едит Пјаф. Таа храбро го презеде ликот на Марлен Дитрих, водејќи ја публиката низ времепловот на една судбина која започна во Берлин,продолжи во Холивуд, а заврши во Париз, од мачни почетоци, преку триумф, до самоизолација.

Општ е впечатокот дека ваков музички талент на една врвна актерка како што е Прохаска, која со чиста дикција пееше на германски, англиски и француски, одамна не е виден во Битола. Инаку Марлен Дитрих беше родена во Берлин, живееше деведесет години и најголемиот дел од животот го помина на големата светска сцена. Беше голема хуманистка која бесплатно пееше за сојузничките војски во Втората светска војна и беше жесток критичар на фашизмот, помагаше и финансираше спасување на повеќе еврејски семејства, поради што, ги доби највисоките државни признанија на САД, Франција и Израел.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани