Street gif

Единствениот Македонец кој загинал во десантот на Нормандија бил битолчанец

Јуни 04, 2019

Утре се навршуваат 75 години од Десантот во Нормандија во Втората светска Војна. По тој повод Апла.мк ја пренесува животната приказна за Панде Матевски од Битола кој загинал за време на овој историски настан познат како Денот Д.

 

Битолчанецот Панде Матевски (1914-1944), единствениот Македонец за кој се знае дека загинал во деснатот во Нормандија во Втората светска војна, заедно со таткото и брќата го напуштиле родното огниште поради честите воени конфликти што се случувале на Балканот во првите децении од минатиот век. Заминале во далечна Америка, во мир да го печалат парчето леб. Но, таму ги пресретна друга војна. И преку океанот не и избегале на македонската судбина да војуваат за туѓа војска.

Вака емотивно битолчанката Силвана Петрова Насух ја раскажува животна приказна за американскиот подофицер од Битола, Матевски во документарниот филм „Војникот Рајан од Битола“, чиј сценарист е токму таа. Документарецот беше снимен по повод 70 годишнината од Десантот и до денес остана да биде единствениот зачуван видео материјал кој зборува за тажната животна приказна на војникот Рајан.ГЛОБ

Откриена мистеријата за војникот

-Како девојка живеев на улицата „Максим Горки“ во Битола. Спроти нашата зграда имаше куќа која беше напуштена. Се збиравме и игравме пред неа зашто немаше домаќини да не бракаат заради вревата. Се прашувавме,чија е таа куќа. Подоцна копајќи низ историјата на градот за мојата нова збирка поезија открив дека тоа е куќата на војникот Матевски- раскажува Петрова Насух.СИЛВАНА ПЕТРОВА НАСУХ АВТОР НА СЦЕНАРИОТО НА ФИЛМОТ

До пред некоја година ретко кој битолчанец знаеше повеќе детали околу животот на овој битолски печалбар и војник во Америка. Само неговата гробницата подигната на Буковските гробишта, инаку единствена во Битола и лимениот сандак во неа сведочеа дека загинал на фронтот на 30 години. На надгробната плоча врежан е натписот „паднал убиен во десантот во Нормандија како американски подофицер во јули 1944 година.“

Денот Д, како што во историјата е позната битката во Нормандија (6 јуни-21 август 1944) била најголемата воената инвазија во историјата на човештвото позната како истоварување на сојузничките сили преку каналот Ла Манш во окупирана Франција за врема на Втората светска војна. Една од клучните битки која доведе до капитуалција на Третиот Рајх девет месеци подоцна.

 pande

Бил меѓу првите мовилизирани цивили во САД

Канцеларијата на децентрализирана соработка Долна Нормандија во Македонија, Асоцијација на агенции за локална демократија –АЛДА од Скопје пред четири години извршија теренско истражување и успеаја да ја разоткријат животната приказна на семејството Матевски.

Според изтражувањето, таткото Коста Матевски бил чевлар и имал дуќан во старата битолска чаршија, а мајката Фотина била домаќинка. Имале шест деца, од кои четири синови и две ќерки. Најстарата родена 1912 година била Ерефили, а потоа се родиле Петар, Панде, Александар, Анастас и на крај најмладата сеста Маријанти. Таткото бегајќи од сиромаштијата, како и од војните кои ги преживеал Балканските и Првата светска војна, заминал во Америка.

 

Панде загинал, а брат му бил тешко ранет

Познато е дека во американската војска биле мобилизирани Панде и неговиот постар брат Петар. Според военото досие, кое го обезбеди АЛДА од САД, Панде живеел во Чикаго, Илиноис. Бил мобилизиран на самиот почеток на војната, на 13 мај 1941 година. Бил заведен под името Панта Матевиќ, од Чикаго Илиноис, најверојатно како што му гласеле документите зашто во тоа време Вардарскиот дел на Македонија бил под српска власт. Дури и како земја од која потекнувал била запишана Југославија или Црна Гора. Во досието пишува дека имал завршено само две години средно училиште и бил поликвалификуван работник за механичка обработка на метал.

Но, се знае дека за време на војувањето до десантот на Нормандија, тој во американската војска успеал да напредува до подофицер. Со што се истакнал за да го добие тој чин, до денес нема податоци. Се знае дека бил учесник во десантот од самиот почеток, заедно со постариот брат Петар. Тие биле меѓу 156 000 сојузнички војници истоварени во Нормандија, дел со воени бродови, дел со падобрани. Панде преживеал месец дена на фронтот, а потоа загинал во крвваите битки. Брат му Петар бил тешко ранет, но сепак го преживеал десантот. Тој заедно со посмртните останки од Панде се вратил во Илиноис, Чикаго и го погребал.

 

Мајка му од САД го презакопала во Битола

Веста за загинувањето на синот, ја потресла мајката Фотина која живеела во Македонија. За нејзиното патешествие, на членови на АЛДА им раскажала Нада Матевска, снаа за најмлалиот брат на Панде, Анастас која денес живее во Скопје.SLIKI

(Фото: синот и мајката, фотогрфии во гробницата) 

-Како снаа живеев во заедница со свекрвата, мајката на Панде Матевски под ист покрив во Скопје. Кога се омажив во тоа семејство Панде беше починат и не го запознав. Но, ја запознав тагата на мајката. Таа имаше отпатувано дури во Чикаго и со помош на другите два сина кои живееја таму, успеа од американските власти да добие дозвола и телото на починатиот син да го откопа и пренеси во Македонија. Го донесе во родното место, но и блиску до неа- раскажала Нада Матевска.

Во родната Битола покојното чедо го донесла во лимен сандак во брод преку океанот. Таквата постапка била многу скапа, но браќата не штеделе пари. Посмртните останки биле пренесени во педесетите години од минатиот век и закопани во гробницата во Битола.    pismo

-Ех, што судбина дочекала курата Фотина. Го испратила синот со мал куфер, а го дочекала во голем (се однесува на металниот сандак)-се вели во филмот за битолскиот војник.

По ваквото страдање мајката Фотина оставила аманет кога ќе ги затвори очите да ја погребаат покрај синот.

-Кога почина во 60-тите години од минатиот век беше исполнета последната најзина желба, да почива покрај својот синот Панде бидејќи тој многу млад загинал, на неполни 30 години. Двајцата се погребани под гробницата, а над гробовите е зачуван лимениот сандак- раскажала Нада.

Семејството денес нема живи потомци во Битола. Браќата и сестрите на Панде се починати, а нивните деца и внуци се распрскани низ светот, во Америка, Австралија, кај нас во Скопје и Гостивар.

 Ж.З.

Деснатот -клучен момент за светската историја

Годинава на 6 јуни се навршуваат 75 години од десантот во Нормандија за кого историчарите знаат да кажат дека бил судир на два воени гиганта, сојузниците и нацистите.На така наречениот Денот Д на плажите во Нормандија биле истоварени 1213 воени бродови,736 бродови со помош, 864 карго бродови и 4126 десантски бродови. Од нив биле истоварени 20 000 возила и 156 000 воници од американската, британската и канаѓанската армија. Имало 10.000 авиони и биле истоварени над 7.000 падобранци припадници. Оваа битка се сметала за историска пресвртница во Втората светска војна, една од клучните за капитулација на Германија.

 

Документарец на линк https://www.youtube.com/watch?v=bPGTyvSdlWM&list=UUmre0opAtDviDUIstkwwzeA&fbclid=IwAR1oXf7BRalsruxp-cNUd4c7Kf0MpEYZGiCYQDhRj7mjxXEuNeCDVkFzVeg

.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани