Септември 19, 2019

Street gif

КАДЕ ИСЧЕЗНАА НЕОБЈАВЕНИТЕ ПЕСНИ НА МИТЕ БОГОЕВСКИ? (Повод 77 годишнината од смртта на поетот)

Септември 12, 2019

Во Бугарија најверојатно се наоѓаат над педесетина патриотски, необјавени песни од македонскиот револуционер, поет и народен херој, Мите Богоевски (1918-1942). Вакви сомнежи во 2012 година изнесе Богомил Богоевски , синот на починатиот поет, вечејќи дека во изминатите години во неколку наврати му се јавувале лица од Бугарија повикувајќи го да оди лично и да го земе творештвото од неговиот татко.

Синот претпоставуваше дека песните ги зеле бугарски војници при претресите на нивното родно село Болно, Ресенско. Тоа се случило на днешен ден , на 12 септември во 1942 година, дента кога неговиот татко со првобoрецот Стив Наумов имале нерамна борба со фашистите во коријата на селото, а крај се самоубиле за да не ги фатат живи.

Освен песните, некој го однел и романот

-Пред неколку години се јави човек од Бугарија, имал педесетина песни напишани од татко ми. Ме бараше лично да одам таму за мене да ми ги даде. Такви абери ми беа пратени и преку луѓе од Ресен. Но, бидејќи работев во полиција во пасошкото одделение ми рекоа да не одам од безбедносни причини, да не е опасно и да не го барам човекот. Така песните не ги зедовме и остана мистерија каде точно се наоѓаат и што се сличило со нив- рече синот на поетот, Богомил Богоевски.

Не се знае ни што се случило со последната песна на Мите Богоевски која ден пред да умре му ја дал на скоевецот Јонче Источки, жител на село Болно, со молба да ја умножи во Ресен. Но, ноќта било опколено селото, а Јонче на брзина ги прибрал сите материјали, билтени, летоци и ги скрил во плевната. На излегување се сетил дека песната му останала во џебот. Немал време одново да ја разнесува сламата со која го имал покриено материјалот, па листот со песната го свиткал и ставил во трските од преградата на плевната. Песната била напишана на двете страни од лист на тетартка, а била посвтена на борбата. Потоа Источки бил уапсен, па пропаднала уште една песна од надарениот македонски поет.

-Имаше и други материјали пишувани од татко ми, скриени во дрвата и закопани. Некое момче од селото го имал видено дека крие нешто кај плевната и по неговата смрт две канти откопал од тоа место и ги зел, кој знае што имало во нив. Имал и роман напишано, не се знае точно дали Бугарите го запалиле или некој го зел и злоупотребил како свој- рече Богоевски.

До денес не се знае ни каде му е гробот

Иако се мисли дека напишал повеќе песни, до денес се зачувани само четири, легендарната „Спроти Илинден’’, „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“. За семејството посебно драга е песната „Разделвачка“. Иако во литертурата пишува дека е од 1940 година, Богоевци сметаат дека се родила по последната средба на поетот со сопругата Љуба, неколку дена пред да загине. Средбата била во лозјето на Богоевски во коријата на Болно, каде имало и колиба, па таму во последно време се криеле Мите и Стив. Богоевски во песната напишал „ти оставам младо чедо, радуј се и теши се со него, немој да жалиш по мене, барај си лика прилика.“ Во тоа време нивниот син имал само една година.

Освен што се изгуби дел од творештвото на Мите Богоевски, до денес не се знае ни каде му е гробното место.

-Откако се убиле, Бугарите ги погребале во коријата. По две недели местото го нашил некој овчар и му кажал на најблиските роднини. Тие отишле да ги откопаат за да ги погребаат како што носи редот. Но, тука повторно некој му јавил на војниците. Како што плачеле роднините, ги претепале со кундаци, удриле и по сопругата со едногодишниот син. Ги зеле телата и до сега не му се знае гробнина- велат потомците на Мите Богоевски.

Денес се 77 година од смртта на партизаните Мите Богоевски и Стив Наумов. Од Сојузот на борци од Битола објавија дека Богоевски беше истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Бил роден во селото Болно, Ресенско, на 31 октомври 1919 г. Основно училиште завршил во родното село, прогимназија во Ресен во 1935 г., а учел во Трговската академија во Битола во периодот од 1935 до 1937 г. Бил поет, кој уште во училишните денови во Ресен ги напишал првите песни на македонски јазик. Бил член на управата на Литературната дружина "Иван Гундулиќ". Потоа и студент на Високата комерцијална школа на Белградскиот универизтет, но поради недостиг на материјални средства, бил принуден да се врати во родното село во 1940 година.

По бугарската фашистичка окупација извесно време работел во Општината во селото Јанковец, а се пројавил како еден од главните организаторите на антиокупаторската и антифашистичка борба во Преспанско. Бил секретар на Околискиот комитет на КПЈ за Преспа и дејствувал како илегалец. Учествувал во формирањето на Партизанскиот одред "Даме Груев". Загинал во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Стеван Наумов-Стив. Прогласен бил за народен херој на Југославија на 2 август 1949 г.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани