2win800x200

Најдобриот битолски пушкомитралезец партизан бил Евреин (Пригодно по повод 4-ти Ноември)

Ноември 03, 2019

Мордехај Нахмијас бил истакнат партизан, познат по прецизниот истрел, кој за жал не го спасил од смртта на два месеца пред ослободувањето, загинал заедно со својата сограѓанка, Естреја Овадија-Мара на Кајмакчалан.

 

Еден од најдобрите пушкомиралесци меѓу македонските партизани бил Евреионот од Битола, Мордехај Нахмијас(1923-1944). За неговото дело во фељтонот за битолските Евреи пишувал битолскиот адвокат и поранешен претседател на Здружението за реставрација на еврејските гробишта, Томислав Симјановски. Годинава се навршија 75 години од погибелот на Нахмијас.

-Истражувајќи за него дознав дека ги подучувал малите Еврејчиња во училиштето „Ласколија“ во Битола. Го нарекувале Хахам зашто бил многу мудар. Имал долга брада, а некои го сметале за свештено лице зашто помагал при верски обреди, посебно при погреби на Евреи во Битола. Во виорот на Втората светска војна во неговата куќа на битолскиот Баир се одржувале тајни состаноци меѓу напредните битолчани. Често разговарал со Евреите за политичката ситуација и им велел дека ги чекаат мачни денови – запишал Симјановски.

Бидејќи некои го сметале за свештено лице, малкумина во тоа време можеле да претпостават дека Хахамот бил врската меѓу градот и партизаните. Тој им помагал на битолчани кои сакале да заминат во партизнаските одреди и да се борат за слобода, а во партизани однел и повеќе Евреи. Потекнувал од сиромашно семејство, а неговата куќа станала партизанско гнездо, каде извесен период илегално живееле Стив Наумов, Вера Ацева, Пецо Божиновски како ранет партизан, Вера Циривири и други. Во неговата куќа дури била сместена активна штампарија.

-Во некои историски податоци стои дека во партизани заминал 1942 година, но од она што имав можност да го слушнам на повеќе симпозиуми и конференции, како и во разговор со преживеани, тој во последен момент, односно рано утрото пред депортацијата   успеал да побегне со некој близок од селото Барешани по некои тајни патишта заминале за Егејска Македонија и се приклучил кон одредот „Даме Груев„-забележал Симјановски.

Во партизани станал одличен борец, еден од најдобрите пушкомитралесци. Бил командант на бригада, а загинал на 26 август 1944 година во борба со фашистите на два километри под врвот Кајмакчалан на Ниџе планина. Скоро за два месеца не ја дочекал слободата, а со него загинале и други партизани од Седмата македонска бригада, меѓу кои уште една Еврејка од Битола, храбрата Естреја Овадија Мара, која по војната била прогласена за народен херој.

За време на НОБ загинале или биле фатени и убиени единаесет Евреи од Битола, меѓу кои Исак Сарфати, Пепо Песо, Мордехај Тодолано, Соломон и Самоел Садикарио, Арон Ароести, Исак Фараџи и други.

Добар дел од оние кои биле во партизани се истакнале со својата храброст и способност, па станале команданти и политички комесари. Некои биле одликувани со медали и ордени, од нив седум се носители на партизанска споменица. Некои по војната основале семејства во Скопје. Но, најмногу од преживеаните битолски Евреи во 1952 година со посебно организиран транспорт, воз преку Белград до Риека и од таму со брод заминале во Израел.

Ж.З.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани