По повод 75 години Битолски народен театар- актерите меѓу себе се почитувале и мајтапеле

Ноември 15, 2019

Меѓусебната почит на актерскиот колектив која се негувала со години, а не попуштала дури и пред невкусните шеги од битолскиот ансамбл направи големо семејство.

 

На угледната битолска актерка, Ратка Чоревска пижамите на турнеја ѝ ги наполниле со памук. На Мара Герогиевска наместо кафе за мелење и подметнале пченка. На Пепи Мирчевски додека глумел бебе цуцлата му ја намачкале со лути пиперчиња. На други актери им ставиле „мастикс“ лепило за брада во сандалките. Но, никој никогаш не се налутил или скарал. Ова се дел од незаборавните анегдотите кои се случувале меѓу актерите доајени во Битолскиот народен театар. Повозрасните глумци со насмевка на лицето раскажуваат по повод јубилејот на Битолскиот народен театар, сакајќи да покажат колку редок колектив биле..

-Шеги имаше до немај каде. Театарот е убавина кога колективот се забавува. Но, бевме чудесни другари. Имавме силен респек еден кон друг, живеевме како браќа и сестри. Се поддржувавме. Во овој театар постоеше вистината која се вика неговото височество партнерот. Тоа беше формулата за постигнатите големи успеси- сведочат доајените Ратка Радмановиќ, Борис Чоревски, Митко С.Апостоловски и Пепи Мирчевски.

Од удари по задник до зашиени пижами

Како најголем шегобиец го посочуваат сега покојниот актер Петар Стојковски-Бабец.

-Гостувавме во Кочани. Тој ми ставил во пижамите волна од друшеците и ги зашил. Кога ги облеков за спиење се исплашив. Реков што е ова некој глушец? Правеше такви мајтапи. Но, еднаш него пижамите му ги сошија од горе до долу, па мораше да ги пара- се присетува Ратка.

Се случувало да им става по некој тежок камен во патните торби кога оделе на турнеја или да им ги замени и намирниците што ги купувале за дома. Така, чоколадата што Ратка ја купила за торта, без да забележи и ја заменил со кафена шпер плоча.

-Дома го правам филот за да го ставам чоколадото, гледам наместо чоколадо, дрво. Кога отидов другиот ден на работа, тој се смешка. Му реков ќе те загушам- додава таа.

На друга турнеја актерката Мара Ѓеоргиева нашла дрво чепорешка и го зела за Битола да ја потпира жицата за облека. Но, Бабец по патот и го пресекол дрвото. Дел од шегите се случувале и зад сцената за време на театарска претстава.

-Претставата Хајди течеше и јас чекав да излезам на сцена. Позади мене беше Владимир Гравчевски, еден од основачите на театарот, кој за жал рано почина. Се пуштив со сета сила да влезвам на сцена, а тој од зади ме удри по задникот. Како што бев засилена отидов до половина сцена, се вратив назад и му удрив еден шамар- раскажува Радмановиќ.

На сцена разбрал дека му се родил син

Позади овие актери стои повеќе децениска кариера, море од улоги и награди. Глумеле и кога им било најтешко, а некои на сцена ги поминале и најсреќните моменти од животот.

-Гостувавме со „Преноќиште“ во режија на Љуба Милошевиќ во Скопје. Јас играв лик се викаше Благоја кога се враќа, човек на кој Германците извршиле експеримент и од две метра се намалил на метри. Требаше да го играм несреќно. Но, мене во паузата ми јавија дека ми се роди син. Бев радосен, па морав да ја играм како да сум забеган- раскажува Мирчевски.

Многу од театарџиите кои оставиле впечаток во неговиот развој денес не се меѓу живите. Тоа се Ацо Стефановски, Љубиша Трајковски, Јосиф Јосифовски, Илко Стефановски, Олга Наумовска, Димче Стефановски. Но, колегите се уште ги паметат и спомнуваат.

-Со „Хамлет“ отидовме во Струга. Мојот покоен колега Илко Стефановски ни се фалеше на сите дека купил најубаво овчко млеко и дека не го дава. Беше голем гурман. Пред претставата видовме каде го скри во гримиорната и му го зедовме. Забележа дека го нема и почна да вика. Го врзавме млекото со панделка и во мракот му го ставиваме на маса на сцена за време на претставата. Тој не можеше да реагира бидејќи кралот го играше.Се возбуди дека млекото му се врати. Во следната сецквенца пак мрак и пак го снема млекото - раскажува Пепи Мирчевски.

Актерите уште боледуваат по стариот театар

Градот не успеа да ја сочува страта театарска зграда каде на 14 ноември 1944 година , само на десет дена по ослободувањето на Битола, полупрофесионалниот драмски ансамбл ја одигра првата претстава на службен македонски јазик во земјава, „Ѓоре Магаревски“ од Владо Малевски. Објектот беше срушен во времето на социјализмот 1979 година, а на негово место се изгради Домот на културата.

-По неговото рушење јас си заминав од Битола. 15 години бев во кумановскиот театар. Како архитекстонско решение таков театар немаше во Југолсавија. Кога готувавме во Ростов на Дон во Русија, го видов нивниот театар кој наликуваше на мојот, се тргаав на страна, солзи сами течеа. Потажен момент од овој за мене нема. Тој отров, таа болка ќе ја носам во срцето и во гробот- вели актерот Митко С. Апостоловски.

Неговиот колега Борис Чоревски се присетува дека во бифето во стариот театар се одржувале најубавите седенки на актерите.

-Во Битола се уште паметат тие постарите дека најдобрите Нови години се правеа во стариот театар. Постоеше блискост меѓу нас и луѓето кои сакаа да доаѓаат. Доаѓаа дури и тогашните градоначалници- раскажува Борис Чоревски.

Ж.Здравковска (Интервју за Вест, 2014 година)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани