Webp.net gifmaker

Уште две баби во Бабино и тие муабет не си прават

Јануари 09, 2020

Вистинска авантура е потрагата по двете последни баби во демирхисарското село Бабино, чии домови се на крајот на селото, еден под друг, под патот кој води до селската црква „Св.Никола“.

Па додека да ги најдеш  се однесуваш како мал извидник и бараш чад, бараш оџакот да ги издаде во кое гнездо се свиле, зошто во тоа осамено  и пусто место ништо друго не ви паѓа на памет. Нема кој да прашате, нема каде да тропнете, пиле не пее.

Радојка Силјановска на свои 83 години  е една од двете баби, можеби последните жители на Бабино. Таа е толку витална, ведра и расположена за свои години што само кусо откако ќе го размените првиот збор ќе ви го оттргне чувството на сожалување поради самотијата и ќе ви го наполни срцето. Потекнува од Бабино, се омажила во Битола и по пензионирањето повторно се вратила на татковото огниште. Но тогаш пред почетокот на 21 век во Бабино живееле околу триесеттина жители, мажи и жени, за пред десеттина година да останат 11 баби, а сега уште две, таа и сосетката Мара, за која не крие дека не им оди муабетот, па иако сами во селото ни кафе не се напиваат заедно.

-Јас и Мара од Деспотовци останавме, ама таа многу не зборува, ни со мене, ни   со новинари. Јас  живеев Битола се вратив во Бабино откако ми почина сопругот. Овде се уште живееја моите родители и брат ми, сите заминаа на оној свет. Останав сама, а веќе не паметам и од кога сме со Мара сами двете во селото, ја раскажува својата животна приказна Радојка.

Самотијата не и тежи на грбот на оваа жена, ја „лекува“ со малку работа во бавчата, произведува црвена пипер, компири, домати. Подработува  во рибникот сместен  на  почетокот на селото, а се грижи и за црквата, и за библиотеката. 

-Имам се што ми треба. Комбето што носи храна до селото Базерник  ми носи леб, а зеленчук сама си садам. Кученце имам, а и телевизија за друшка. Често ме посетува и внуката, таа работи во амбулантата во Демир Хисар, зборува Радојка присетувајќи се  дека во младоста имала прилика да другарува со многу луѓе како сопруга на професор. Особено драги и се средбите со туристите и познати личности кои доаѓаат во посета на библиотеката, а она што и буди надеж за селото се и најавите на дел од иселените дека напролет ќе градат викенд куќи врз темелите на старите огништа во Бабино.

Иако сиромаштијата е во чекор со самотијата во Бабино, пензијата не втасува, сепак Радојка покажувајќи го демирхисарското гостопримство не понуди со грст бабински ореви, уверувајќи не со потемнатите дланки дека се тазе набрани.

81259115 1480799555401760 5690441551025537024 n

https://zelenaberza.com.mk/%d0%bf%d1%83%d1%81%d1%82%d0%be-%d0%b8-%d1%81%d0%b0%d0%bc%d0%be%d1%82%d0%bd%d0%be-%d0%b2%d0%be-%d1%81%d0%b5%d0%bb%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d0%b4%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b5-%d0%b1%d0%b0%d0%b1%d0%b8/?fbclid=IwAR3T_Xr9irYCg3iLstu11RP0qR0Mn9lvYNo8odsO4lP0fwLi8KEv9qSntgw

 

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани