2win800x200

За струја протестираа палејќи гуми и ѓубре, пола Битола зачадена

Јануари 23, 2020

Гуми и друг смет запалија жители од горните делови на населбата Баир во Битола изразувајќи револт бидејќи од саботата немаат струја кога изгоре трансформаторот од преоптовареност. Ѓубрето го запалија на битолската обиколница која неодамна беше реконструирана, а го блокираа и сообраќајот неколку часа. Поради ваквите протести на Баирот и во околните населби се чувствуваше чад и смрдеа.

Дел од жителите кои излегоа на протести се жалат дека со денови се без струја, измрзнале, а им се расипала и храната во ладилниците. Воедно добиле и информации дека новата трафостаница не може да се изгради за брзо, па одлучија на овој начин да направат притисок.

Други жители од подолните делови на населбата велат дека дел од лицата кои протестираат со палење смет имаат броила, но не плаќаат редовно струја. Велат дека на трафостаницата имало и многу на диво приклучени и дека поради ваквите појави, дефектите се чести поради што без струја остануваат и редовни плаќачи.

Од ЕВН за Апла.мк вчера изјавија дека сите жители на населбата кои плаќаат струја се пренасочени на три соседни трафостаници и дека имаат струја. Портпаролот Атанас Ковачевски рече дека сите корисници имаат струјно напојување и дека се расчистува тереност за да се изгради трафостаница со поголема моќност, чии делови ќе се носат постепено зашто теренот од тесните улички е тешко пристапен.

Во саботата, минатата недела, изгоре трафостаницата во населбата Баир преку која со струја се снабдуваа жители од улиците „Дебарска“ и „Караорман“, но како што соопштија од ЕВН дефектот настанал од сериозна препотовареност на диво приклучени корисници. Од ЕВН апелираа да се регистрираат сите за соодветно планирање на капациетот на мрежата, со што ќе се спречи повторувањето на вакви дефекти кои се и на штета на нивните сограѓани кои регуларно плаќаат струја.

Додека траеше протестот битолчани објавуваа фотогрaфии на социјалните мрежи со коментари дека пак се пуштаат чадни сигнали од Баир. Други коментираа дека доколку некој редовно плаќа треба и редовно да биде снабдуван со струја, но ако некој не плаќа не може преку протести да бара електрична енергија, зашто останатите граѓани ја плаќаат.

Ж.З.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани