Јорго Шундовски наплатил 24 милиони денари од Општина Битола

Декември 11, 2017

Неликвидна и заглавена во долгови од 12, 5 милиони евра ја остави Општина Битола екс-градоначалникот Владимир Талески по неговото 12 годишно владеење, а добавувачите на стоки и услуги, ги бараат своите пари. Голем дел од нив поднесле тужби за наплата на побарувањата, а за некои извршителите веќе блокирале средства од општинската сметка. Кој и зошто ја тужи Општина Битола?

Кои се добавувачите кои пред и по смената на власта во Битола решиле судски да си ги наплатат долговите што не им ги исплатил бившиот градоначалник Владимир Талески?

Овие и слични прашања последниот период се тема за разговор и дилема меѓу битолчани, откако Наташа Петровска, кусо по седнувањето во градоначалничката фотелја, излезе јасно и гласно со податоци колку долгови и` оставил Талески и колку извршни судски решенија и` насамарил на грбот таа да ги исплаќа, со опасност да се соочи со

Неликвидност и блокада

на финансиското работење на Општина Битола.

- Ако се плаќало навремено, сигурно Општина Битола сега немаше да биде доведена во ваква ситуација ние да зборуваме за судски трошоци по тој основ, вели Петровска.

Исплатата на извршните судски решенија на Петровска толку многу и натежнале што беа дел од причината таа веднаш да побара ребаланс на буџетот за 2017 година, прашувајќи се гласно - дали постои поврзаност помеѓу некои добавувачи и поранешното раководство, да чекаат за наплата на своите побарувања и потоа на крајот на мандатот да тужат и да ја блокираат работата на Општината?

Имено, во буџетот за 2017 година биле предвидени само 5 милиони денари за извршни судски решенија, но таа сума морало да се зголеми на неверојатни 27 милиони денари, откако годинава за исплата стасало судско решение на сума од околу 24 милиони денари. Плус тоа стасало и ново решение од тужба за исплата на добавувачи од околу 3,5 милиони денари. И што е уште потешко за новата власт, е дека на нивна адреса ќе доаѓаат и други извршни судски решенија оставени од недомаќинското и

Расипничко работење на Талески

кој се покажа како голем офарда во трошењето на парите на битолчани.

Силно одекна веста што Петровска ја обзнани на нејзината прва прес-конференција на која без двоумење кажа дека фирмата „Форми“ која се занимава со проектирање и инженеринг, по судско решение наплатила близу 24 милиони денари (над 380.000 евра!) од Општината. Во оваа сума освен побарувањата по фактури, голем дел отпаѓаат на затезни камати кои се натрупале заради ненавременото плаќање на Општина Битола кон „Форми“ и подоцнежното влечкање низ судските инстанци, што довело до вртоглаво зголемување на основниот долг.

- Она што како извршно решение сега го исплативме и беше завршено како судски спор, да кажам, значи е за фирмата „Форми“. 24 Милиони денари се исплатени кон таа фирма за извршени проектантски услуги, откри градоначалничката.

„Форми“ е сопственост на Јорго

Шундовски, бизнисмен со повеќе фирми

од областа на урбанизмот, а поранешен министер во владата на Бранко Црвенковски. Шундовски во телефонски разговор објаснува дека Општината ја тужел уште во 2015 година, а не сега, со смената на власта. Во тој контекст реагира на изјавата на градоначалничката Петровска и вели дека чека извинување од неа.

- Од 2015 до 2017 година се тужам со Општина Битола за тие пари, тоа е поприлично долго време. За целиот овој судски спор има документација. Решението за наплата е стасано во јануари годинава, а не сега откако дојде новата градоначалничка, без оглед што тоа било повод за ребалансот на буџетот. Станува збор за извршни решенија кои ги поминале сите судски инстанци, а јас не сакам да коментирам судски одлуки. Чекам Наташа да ми се извини, вели Шундовски во разговор за „Его“.

Според него покрај 24 милиони денари кои веќе ги наплатил од Општината, допрва треба да се реализира ново судско извршно решение со сума од околу 2 милиони денари, исто така за ненаплатени долгови од Општината.

Инаку Петровска кажа дека во анализата на пописната комисија за финансиското работење на Општината се вбројуваат и извршните судски решенија, оставени од Талески кој не само што оставил долгови, туку успеал да потроши пари со кои требаше да работи и остварува Петровска.

- Значи не се почитувала фискалната дисциплина. И, ние сме дошле во ситуација да имаме, меѓу другото, тужбени барања што сами по себе донесуваат и судски трошоци и многу понепријатни ситуации како што се овие во кои се наоѓаме денес, вели таа.

Со ваквите постапки на претходниот градоначалник, не само што се создал долг во минатото, туку се насочени или потрошени и парите за инфраструктура и други зафати за следните 3-4 години! Споредено со вкупните годишни приходи на Општината, преземените обврски се околу буџетот за една и половина година, рече Петровска.

Текстот е објавен во последниот број на неделникот „Его“.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани