За прв пат е изработена платформа за далечинско учење, МОН со препорака до училиштата да ја применуваат

Март 24, 2020

„Ние препорачуваме примена на унифицирана национална веб платформа која се изработува во моментов од страна на Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Британската амбасада, наречена е Е-училница, а која ќе биде достапна веќе од утре“, рече министерот за образование Арбер Адеми, додавајќи дека платформата наменета за основните и средните училишта, се изработува по примерот на платформи за далечинско учење од земјите во регионот кои се покажуваат како практично применливи и ефективни, а како најдобар пример ја посочи Република Хрватска..

„Платформата чија употреба е едноставна, ќе понуди видео лекции, односно разработка на методски единици за сите одделенија и сите задолжителни предмети. Видео лекциите ќе бидат во траење од 15-тина минути и ќе бидат придружени со презентација и нарација/објаснување од наставник, односно наставничка што ќе покаже интерес и ќе се пријави за оваа цел“, нагласи Адеми.

Адеми посочи дека МОН веќе ги извести сите основни и средни училишта за оваа национална платформа за далечинско учење, со апел до наставниците да се вклучуваат во пополнувањето на истата и информираше дека до овој момент се имаат пријавено околу 600 наставници, а бројката од ден во ден постојано расте.

„Со задоволство информирам дека веќе пристигнуваат видео лекции. Имаме пријави за над 1000 лекции, а пристигнати се досега околу 400 лекции. Истите се проверуваат од содржински аспект и се внимава да не се повторуваат, односно за една тема од учебник да има една лекција. Секако очекуваме бројката драстично да расте во следните денови, а во меѓувреме апелираме на трпеливост до целосно пополнување со содржини за сите одделенија и по сите предмети“, нагласи Адеми.

Линкот до оваа прва национална платформа за далечинско учење во земјата е www.eduino.gov.mk.

Граѓаните можат да доставуваат предлози и препораки до Министерството за образование и наука во насока на евентуално подобрување на функционалноста на платформата во иднина, со што, како што рече Адеми би се обезбедил траен систем за далечинско учење кој ќе остане и ќе биде подготвен да се применува секогаш кога ќе има потреба од истиот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани