2win800x200

Како битолчани со бабини деветини се бореле против чумата

Април 04, 2020

Бегале на планина

...Во 1348 година Солун и Серез се нашле во канџите на чумата , но се прошетала и низ другите краишта на Македонија. Барајќи спас, луѓето бегале во осамени и незаразени подрачја , најмногу во планините. Други, сметајќи дека дошол апокалиптичниот час , престанале да работат, се оддале на хедонистички живот, грабејќи што може да се грабне....

Ги напуштале селата

...Покрај земјотрес во 1554/55 година Скопје го зафати и чума, која се прошири и во други краишта од Македонија. Во месец август 1611 година се јавила во Костур , од каде се проширила во Скопје, Битола, Бер... Во 1622 година рајата од село Вардино, Битолско, пред Шеријатскиот суд објаснувала дека го напуштиле селото поради глад, скапија, чума и други зарази...

Бајачи против болести на штрково јајце

...Ваквите жени , инаку, познати со имиња бајалки, гатачки не само што прорекувале и откривале судбини, во нашата примитивна средина биле и главни лекари. Гаталки што оставиле траги во Битола биле Баба Сија, „стручњак за лекување од уроци“, Ленка Каленика гледала на карти за играње, Досија Кузмановска била специјалист за вражање против жолтица, , а имало и други кои баеле на штрково јајаце, со тавче итн...

Се капеле со вода од пелистерското езеро

...И Битола имала многу свети и лековити води. Извор кој останал популарен до денес и за кој се сметало дека лечел од секаква болест, им бил посветен на светите Кузман и Дамјан (улицата „Солунска“, бр.114-а). Водата во едно од пелистерските езера болните од грозница ја пииеле и ритуално се миеле , по што болеста, според тврдењето на битолчани од 19-от век , за неколку недели наполно исчезнувала. И Петочна вода (се употребувала во петок, оттаму и „петочна“)во близина на црквата Св. Недела служела против треска и против маларија. Бардето со кое се црпела, обичај станал да се скрши за да се скрши и болеста...

Чумата се појавувала со белези на телото

Меѓу знаците – предвесници за чумата, според народно верување, биле три точки на коленото. Друг начин, според Цепенков, предвремено да се утврди дали заболениот ќе оздрави или ќе умре било болката, ако се почувствувала во срцето, тој умирал. Најголем број заболени не ја прифајќале и не се помирувале со болеста се додека не се појавеле силни болки...

Во Карантин по 40 дена

...Лицето било должено 40 дена да биде во карантин и доколку за тоа време не се појавеле знаци на болеста, повторно се враќал во заедницата. Лекарства за чумата не биле познати, но затоа суеверијата биле изобилни. За лицата што работеле со нафта се верувало дека не можат да заболат.

Ја скротувале чумата со сапун и топла вода

...Кузман Шапкарев појаснува како нашиот човек се обидувал да ја омилостиви болеста со оставање корито со топла вода и сапун , верувајќи дека чумата сака многу да се капе. Се внимавало да не се свири и да не се пее, кучињата да не лаат и никако лошо да не се говори за неа. Во семејствата каде што ја честеле и лошо не зборувале за неа „таму не ѝ тепала“, вели Цепенков...

Се лечеле со канин

...Канинот за сето време бил и останал најсигурниот и најмногу употребуваниот лек, а во времето кога бил редок и скап, а сиромаштијата голема, француските „Ќерки на милосрдието“ го делеле бесплатно, како што правела и локалната самоуправа повремено...

(Извадоци од книгата „Записи за злосреќи“ од професорот Александар Стрејовски)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани