2win800x200

За младите „те сакам“ преминува во акроним

Декември 25, 2017

Во интернет комуникацијата на социјалните мрежи популарен е уличниот сленг, полн со англицизми, кои често се пишуваат неправилно, па им се додава и македонски член, србизми, нестандардизирани кратенки и слично. Дури и изразот за најубавите чувства како – те сакам најмногу – преминува во акроним, а младите ја губат способноста да формираат реченица која добро звучи.

 

Ова е само дел од податоците кои група средношколци од средното училите „Таки Даскало“ во Битола ги добиле од истражување што го спроведоа за влијанието на социјалните мрежи врз литературното изразување кај младите.

„Се покажа дека околу 70 проценти од испитаниците поминуваат од седум до девет часа дневно на социјалните мрежи. Секое слободно време буквално го користиме само за тоа. Никој од нас не ги запазува литературните правила во пишувањето на социјалните мрежи, тоа не е во ред и треба да се промени. Сите од нас знаеме да зборуваме литературно, но ретко го користиме“, рече ученикот Божидар Николовски.

Се случува младите доколку го користат литературниот јазик да бидат исмејувани од врсниците на социјалните мрежи.

„Мислам дека е токму и тоа причината поради која не ги користиме тие литературни правила. Не е во ред, но и јас тоа го правам. Тоа е денешницата“, рече ученикот Божидар Николовски.

Истражувањето беше спроведено под водство на професорката Николина Поповска и вклучи 60-тина ученици на возраст од 15 и 17 години. Резултатите покажаа дека младите најчесто се допишуваат на латиница со големи букви, наместо граматички знаци ставаат симболи, користат дијалекти, жаргони, англицизми, србизми.

„Со користењето и среќавањето на англискиот јазик во нашето секојдневие, преку социјалните медиуми во вокабуларот на младите влегуваат зборови од англиско потекло и кратенки на англиски јазик. Тие полека стануваат еден неофицијален дел од македонскиот јазик. Пример за тоа се: твитна, шерна, лајкна, омг и многу други“, вели ученикот Александар Ивановски.

„Чести се статусите и описите на српски јазик. Се случува и во приватен разговор да се користат реченици или фрази на српски јазик. Ова се прави со цел да се биде повеќе забавен и духовит“, вели ученичката Магдалена Јаневска.

На прашањето дали користaт литературен македонски јазик без жаргони и дијалекти, никој не одговори дека честo го употребува, поради што заклучиле дека при комуницирање на социјалните мрежи не се внимава на литературното изразување, а тоа влијае и врз вербалната јазичната комуникација кај младите.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани