Бившото раководство го опљачкало ЈП „Нискоградба“, тврди власта

Февруари 01, 2018

Вртоглава сума од над 800 илјади евра ненаплатени побарувања од  граѓани и правни лица толерирало јавното претпријатие „Нискоградба“во Битола,  за време на бившиот директор Кире Крстевски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.  

Наспроти ваквата практика во 2013 година претпријатието зеде рамковен кредит од 30 милиони денари, и ја покачи цената на услугите за канализација.

Новото раководство по превземањето на ова јавно претпријатие открива дека и покрај ваквата состојба „Нискоградба“ и тогашниот директор Крстевски во 2017 година, три месеци пред локалните избори повторно во рамките на истиот кредит зело уште 14 милиони денари, за што тогашната опозиција во Советот  не знаела.

Советникот на СДСМ, Зоран Стојчевски обвинува дека недомаќинското работење на бившиот директор на ЈП „Нискоградба“ ,Крстевски,  кој беше еден од најблиските соработници на екс градоначалникот Владимир Талески, сега покажува загуба од 10 милиони денари.

-Бившиот директор на „Нискоградба“ толку беше убедлив дека таму тече мед и млеко и дека следниот ден ќе тргнеме на месечина, дека ќе работи со добивка. А сега добиваме реална слика во каква состојба се наоѓа јавното претпријатие. Каде е проблемот „Нискоградба“ има ненаплатени побарувања во висина од 50 милиони денари, рече Стојчевски, додека на седница на Совет се разгледуваше планот за работа на ова претпријатие  за 2018 година. 

Стојчевски е песимист дека овие побарувања претпријатието може да ги наплати, бидејќи како што вели 90 проценти од  нив се влечат  со години и се застарени.

-Додека беше ВМРО-ДПМНЕ на власт со тие побарувања прикажуваа дека претпријатието е во позитива и има добар финансиски резултат, иако работеше реално со загуба, вели Стојчевски.

Советничката Елена Трајчевска, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ,  на говорница рече дека се чуди  како можело вработените во претпријатието додека било старото раководство да изготват план дека „Нискоградба“ ќе ја заврши годината со добивка од 2 милиони денари , а  по смената на директорот  истите тие вработени да подготват нов план и да предвидат дека 2017 година ќе ја завршат со загуба од 10 милиони денари. Поставувајќи како прашање, што се случило во двата месеца додека се менувале директорите?

-Планот за работа на новото раководство  на ЈП „Нискоградба “ е алиби за она што  ќе го практикуваат оваа година, предвидувајќи  добивка од само 300 илјади денари. Планот е класичен пример за алиби политика, алиби  директори и фактот дека не планираат ништо да сработат, рече Трајчевска.

На дилемата на Трајчевска, одговори претседателот на Совет Валентин Груевски.

-Единствениот факт е дека бројките на екс директорот беа фризирани и лажно прикажувани. Вработените што работеа со Крстевски ви кажаа „моравме да ги прикажуваме такви податоците за да учествуваме на тендери“. И каде е сега лагата? Вчера разбравме дека истиот тој директор во овие години не задолжил со кредит од 750 илјади евра. И сега велите зошто е предвидена добивка од 300 илјади денари. Колку едно јавно претпријатие со ваква сума на земен кредит да предвиди добивка? Ова што се правело е пљачкање, рече Груевски.

Од владечкото мнозинство велат дека ќе го поддржат новиот план за работа на ЈП „Нискоградба“со надеж дека новото раководство ќе го исполни ветеното.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани