2win800x200

Шутка панаѓурот во ОУ„Стив Наумов“ бил традиција, затоа школото не спречило да се пазари по ходници

Март 02, 2018

Не стивнуваат реакциите за таканаречениот Шутка панаѓур, како што ја нарекоа родители продажбата на текстилни производи  од комбе во училиштето „Стив Наумов“ во Битола. 

„Честитки до новата управа на ОУ „Стив Наумов“ за успешно организираниот панаѓур, многу сличен на оној што се одржуваше на влезот на Битола, само сега на сред ходник во образовна институција. Нема веќе потреба да ја прикриваме сивата економија по канцеларии“, напиша родител на својот фејсбук профил, откако вчера видел како стоката се продава во школскиот ходник.

 

Апла.мк и вчера пишуваше за настанот, откако родители се обратија до нашата редакција со коментари дека училиштето не е пазар да се продаваат јоргани, чаршафи, крпи, пижами и друг текстил низ ходници.  Дел од читателите го споделија текстот со коментар: „До каде стигнавме, резил народ... Има надлежни, ало Шутка повелете“.

Без успех завршија нашите обиди телефонски да ја добиеме директорката на школото Дијана Христовска. Од телефонските броеви што ги добивме едниот беше исклучен, а на другиот никој не се јавуваше. Во школото воспоставивме телефонски контакт со нејзината заменичка, која ни рече дека продажбата на текстилна роба во школото е традиција која се негувала со години и овој пат се случила без нивна дозвола.

„Ништо не беше со наша дозвола направено. Ова е традиција која се негува  десет години наназад, а ние го раководиме школото два месеца и не може сѐ да се искорени преку ноќ. Ова не се случува само тука, туку и во други установи“, ни рече заменичката.

На прашањето дали доколу дојде комбето повторно, ќе преземат некакви мерки да не се повтори сликата од вчера, ни одговори „нормално“.

При ваквата продажба ,вработените во установите низ градот можат да набават роба на рати, но не успеавме да дознаеме дали се издава фискална сметка.

Како што објавивме најразлична текстилна стока вчера на големо била распослана во ходникот на ОУ „Стив Наумов“, пред очите на учениците, а купувале и разгледувале наставници. Ова го виделе родители кога влегле во училиштето да си ги земат децата или да ги остават на часови. Според нивното кажување биле шокирани што дивиот пазар, налик на оној на пазарџиите од Шутка се одвивал  во нивното училиште.

Според раскажувањата, црвено комбе било паркирано токму пред влезот на училиштето. Отпочеток родителите си помислиле дека се работи за хуманитарна акција , но кога се распрашале кај  некои од вработените им било кажано дека препродавачот дошол од Прилеп да им нуди текстилна стока на наставниците, па поради големиот интерес кај „купувачите“,тој   буквално го растоварил целото комбе. Прво продавал пред школото, а поради ниските температури потоа влегол во ходникот, при тоа никој не го спречил.

Некои од родителите раскажуваат дека уште повеќе се револтирале кога и по два часа кога се вратиле на школо, дивиот препродавач се уште бил таму на располагање на заинтересираните со големите најлонски вреќи поставени во ходникот. Родители велат дека ова не е прв пат диви препродавачи  да нудат текстил во училишта и градинки , по што инсистираат надлежните во воспитно образовните установи да стават крај на ваквиот циркус.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани