2win800x200

Потомците на еврејското семејство Калдерон од три континенти се сретнаа во Битола

Март 09, 2018

Потомците на битолското еврејско семејство Калдерон, кои беа разделени на три континенти Европа, Америка и Азија, денес се сретнаа во Битола на 75 годишината од депортацијата на битолските Евреи. Меѓу нив и Сара Ле Гутман Калдерон, ќерката на единствената Еврејка од Македонија, која го преживеала Холокаустот во логорот Аушвиц.

 

„Моите родители ја напуштија Битола на десетти март 1943 година. Ја преминаа границата со Грција и се засолнија во Костур. Таму останаа мајка ми со брат ѝ, а татко ми отиде во партизани да се бори за ослободување. Кога се дозна дека ќе има депортација и на Евреите во Грција, се обиде со чамец преку езеро, да ја спаси. Но, беше пресретнат од германски војник кој пукаша во него и не успеа во намерата“, раскажува Сара Калдерон.

По ова, татко ѝ останал да се бори во партизани, а во 1944 година мајка ѝ заедно со вујко ѝ и други Евреи од Костур биле депортирани во логорот Аушвиц.

„Тие поминаа многу тешко патешествие во Аушвуиц и други логори. На крај од 1000 жени, преживеаја само тресетина кога Американците пристигнаа и ги ослободија“, раскажува Сара.

Откако ги преживеала озлогласените логори, мајката на Сара се вратила во Битола.

„Татко ми веќе беше тука. Таа доаѓаше со возот кога се видоа првпат после војната. Таа не знаеше дека тој е жив, ни тој дека таа преживеала“, вели Гутман Калдерон.

По ова се зеле, се родила Сара и уште додека таа била бебе се преселиле во Израел.

Други потомци на семејството по војната заминале за Венецуела и Тексас. Денес се сретнаа сите во Битола и ги посетија куќите на нивните предци. Дел од тие објекти веќе не постојат, но барем ги видоа локациите каде биле. Средбата со минатото кај нив предизвика солзи.

„Едната куќа се наоѓала во близина на семафорите кај Стара болница, од десна страна, каде денес има едно празно место. Втората куќа е кај што беше продавницата Мајски цвет, спроти Безистенот, блиску до Аврата и третата на улица ‘Доктор Рајс’, но настана дилема зашто и пред војната и денес има различни улици што го носат тоа име“, рече Владо Стојанов, битолчанец кој контактира со повеќемина потомци на Евреите од Битола.

Организатор на комеморативните активности по повод 11 март е Општина Битола во соработка со Здружението АРХАМ, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.

„Започнувајќи од денес, па во следните неколку денови ќе има бројни активности. Завршната централна активност ќе биде организирана во недела во 12 часот, кога делегација од Општина Битола, Собранието и Владата на РМ ќе бидат пристни на Маршот кој ќе се одвива од плоштадот Магнолија до железничката станица за симболично да се означи депортацијата на Евреите. За Битола значајно е да стави акцент на мултикултурното живеење во градот и да порача тоа повеќе да не се повтори, а да ги зачуваме историските белези кои даваат дополнителна вредноста на Битола како град кој многу години наназад живеел“, рече советникот Методија Илиевски.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани