2win800x200

ДУХОТ НА РАДИО БИТОЛА ЖИВЕЕ, ДУРИ И БЕЗ ДА ЕМИТУВА ПРОГРАМА

Март 24, 2018

Ако продолжеше да емитува програма, деновиве ќе славеше 68 години постоење во македонскиот медиумски простор. Радио Битола, најстарото јавно локално радио во државата не работи веќе седум години, но неговиот дух не умира.

Како секој година, така и оваа некогашните вработени се собраа заедно да прослават 68 години од неговото раѓање. Каде и да се наоѓаат некогашните вработени од радиото, што и да работат, на денот на роденденот се враќаат во Битола да ги споделат убавите спомени со колегите. Така се собра и годинава пензионирани и помлади новинари, водители, техничари и друг персонал кои никогаш не заборавија од кој медиум потекнуваат.

-Радиото беше основано во 1950 година. Работејќи во него професионално се изградија и издигнаа многу познати новинарски имиња од Битола. Во минатото во живо се емитуваше музика на оркестри, настапуваа најпознатите музички имиња во градот. Нашата програма се слушаше до Шведска и Норвешка, дури од таму добивавме писма од слушатели- вели Данка Јанковска која долги години работеше како новинар од „Радио Битола“.

Не постои битолчанец, па и слушатели од поширокиот регион, кој не ја памети најавата „зборува Радио Битола на бранова должина од 226,7 метри„, а подоцна и на “ултра кратки бранови од 102.6 MHz".

Според раскажувањето на дел од новинарите, фреквенцијата била толку јака што слушатели имале дури и од Титовиот брод „Галеб“ некаде на Јадранското море.

-Ова радио беше мнгогу важно не само за домашните слушатели, туку и за Македонските во Егејскиот дел и во Албанија.Радио Битола се слушаше и таму и беше многу важна за нашинците зашто слушаа програма на македонски јазик и наши песни- вели Јанковска.

За жал, поради неуспешната приватизација Радио Битола пред осум години престана да емитува програма. Истото се се случи со сите 29 јавни локални радиостаници кое не успеаја да се приватизираат и згаснаа. Битолските новинари и техничкиот кадар дури три години одеа на работа без плата во надеж дека ќе се најде начин и помош да преживее радиото. Но, опкружувањето, локалната и државаната власт не покажаа слух.

Од денес зачувани се 600 плочи од некогашната дискографска ризници на Радио Битола. Покрај грамофонскиот фонд, во Историскиот Архив е зачуван и дел од фонотеката на Радио Битола, која содржи популарни емисии што се емитувале, џинглови, песни, дел испеани и од битолскиот песнопоец Ајри Деморовски. За жал, во шеесетите години од минатиот век биле уништени ленти од радиото со што во неврат отидоа оригинални снимки од битолски чалгии.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани