2win800x200

Градски- селски Велигден во Битола

Април 13, 2018

              Градска Битола има свое средсело, а исто така слави градски и селски Велигден. Овој народен обичај стар со векови бил настан на годината во една од најстарите битолски населби, Генимаале. Недела после Велигден, на верскиот празник Источен петок- Балаклија, во градот доаѓале гости од селата, се одржувал голем народен собир, а песни и ора ечеле до раните зори. Обичајот со цела негова етнолошка и фолклорна убавина од заборав ја спаси истакнатиот етнолог Валентин Соклевски со сценската адаптација на „Градски- селски Велигден“ во траење од 45 минути.

 

                -Инспирацијата беше и лична зашто четири генерации од моето семејство живеат во Генимале. Од дете бев сведок на тој обичај, а бев и учесник како играорец од 1976 година во КУД „Илинден“ кое има за цел да ја негува традицијата на локалното население. Години го истражував обичајот, анкетирав стари генималци. Кажуваа за традиционалните ора и песни, дека меѓу играорците бил и дедо ми кој се соблекувал бос и така го водел орото- вели Соклевски.Валентин Соклевски бос го поведе орото како што некогаш правел дедо му

(Фото од сценската адаптација на Соклевски)

                Играорната целина испреплетена со ора и песни ја изведува КУД „Илинден“ во придружба на хор, изведувачи на строградски песни и оркестар со народни инструменти. На концертот пред две години кога беше изведена играорната целина присуствуваа 800 битолчани кои беа воодушевени од македонското духовно наследство што во иднина ќе може да се презентира пред новите генерции.  

Во рамки на сценската презентација вклучени се сите фази од обичајот. Од престојот во дворот на црквата со црковни песни и традиционални ора како „Старинско битолско“, „Марица“, „Гајда„ со инструментална придружба на гајда, кавали, кемане, тамбура и тапан. Потоа, дефиле низ битолските сокаци и чаршии со песната „Излегов да се прошетам“, па геминалското средсело со традиционални ора „Пилето ми пее„, „Касапско“, куќа со страоградски песни..

Градска населба со средсело

                Обичајот има длабоки корени уште од 16 век кога во градот почнало да се населува христијанско население од околните села. Градејќи ги куќите оставале широк простор кој им служел за собири. Така, Генимаале била единствената населба во Битола со средсело. Населението кое се доселувало со себе ги носело и своите обичаи. Така, секоја фамилија имала своја слава, но заедничка за сите бил така наречениот градски, односно селски Велигден.

                -Гостите од селата го викале градски Велигден оти оделе во градот на гости, а граѓаните го викале селски оти доаѓале на гости од селата - вели Соклевски.

                Обичајот започнувал во четврток после Велигден кога гости од селата доаѓале во црквата „Света Недела“ во Битола и присуствувале на вечерна служба. Потоа во дворот на црквата се одржувал голем народен собор на кој се играло и пеело до зори. Во петок на утро на Балаклија веселбата продолжувала, а гостите продолжувале кон Битола. Оделе на средсело каде продолжувале ората и песните, а за ручек оделе во ганималските куќи.

Рандеву на Ленски мост

                Додека постарите останувале на трпеза кај своите домаќини, младите оделе на рандеву, запишал истакнатиот македонски фолклористот и енолог Илија Алушевски, кој денес е покоен. Првите љубовни средби младите од селата ги закажувале за градски Велигден, на Ленски мост на реката Драгор. Доведувале и дискретна, но често и јавна "порота" од тетки, вујни, стрини за да кажат дали го бендисуваат нивниот избраник или да се бара ново чаре. Тие што ќе се бендисале, од Ленски мост продолжувале на гости кај роднините во градот. Држењето за рака на градски Велигден бил најреволуционерниот љубовен потег пред венчавката, зашто првиот бакнеж доаѓал дури по размената на прстените. Многу битолски брачни двојки заедничкиот живот го почнале токму од тој мост. Вечерта, вљубените шетале на двете битолски корза, Џафте-корзо на Ат-пазар, блиску до Генимаале, а потоа на главното корзо на Широк сокак. рандеву

(Фото од сценската адаптација на обичајот)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани