2win800x200

Интервју со Ристо Палигора, советник конзерватор во Завод и музеј –Битола: „Непроценливо богатство чува манастирот во Маловишта“

Април 17, 2018

Црквата „Св.Петка“ сместена во единственото село во Националниот парк Пелистер, Маловишта, чува Галерија на икони, ремек дела на познати зографи, стари и по пет века, која во последните години привлекува се повеќе посетители.

 

-Веќе 12 години откако во црквата е отворена Галеријата со икони. Попрецизно за какво културно и црковно наследство се работи?

Црквата е изградена 1856 година на местото на постара црква „Света Петка Римска“. Голем број на икони така се расфрлаа наваму-натаму во помошни простории, беа и страшно оштетени. Кога направивме една анализа видовме дека има импознатна бројка од сто икони. Ги датиравме временски од крајот на 16 и почетокот на 17 век до крајот на 19 век, значи околу 500 години има хронолошки распон во создавањето на големата збирика. Решивме во горните галерии од црквата, кои беа реновирани по земјотресот во Битола, да направиме презентација на сите икони. Имаше и проект финансиран од Министерство за култура, а еден дел од иконите ги конзервиравме со средства на црквата. Јас организирав и меѓународна конзерваторска работилница на која беа дојдени конзерватори од цела Европа. Успеавме дел од иконите целосно да ги конзервираме, а дел до таа мера да можат да бидат презентирани во јавноста.манастир

-Ретко во кој град има галерија со икони, а не пак во село. По што оваа Галерија се издвојува од другите?

Оваа галерија на икони е единствена од таков тип во Македонија, составена од икони кои се од самиот фонд на црквата, не се носени од други објекти и храмови. Галерии на икони во Македонија има шест-седум во поголемите градови, Штип, Куманово, но направени се со икони носени од околните напуштени села. Бидејќи иконите се исклучиво од Маловишта во црквата „Св. Петка“ може да се заклучи колку била богата и значајна оваа црква. Еднаш била и ограбена во Првата балканска војна. Имаме записник дека од црквата тогашните бугарски војски однеле околу стотина икони, но ете, уште толку се зачувале. Богатството од икони, фрескодекорација, прекрасен иконостас во резба, го вбројува споменикот со право во најзначајните објекти од 19 век во Македонија.

-Од кои работилници на зографи се зачувани икони во Маловишта?

Имаме зографи од Западна Македонија, од мијачкиот крај, Дичо Зограф е застапаен со три икони, што е многу редок во пелагонискиот и подпелистерскиот крај. Исто така има и многу зографи од костурскиот регион, од Епир. Разновидна е целата таа палета, еден спектар на мајстори, прави еден пресек на ликовните збиднувања од тоа време. Тоа покажува дека ктиторите, донаторите, оние што ги носеле иконите во црквата, локалните жители имале познавања од кои мајстори и какви се иконографски претстави набавувале. Има неколку руски икони дадени од монасите од руските манастири на Света Гора.

-Последните години македонските манастири се наоѓаат на мапата на странските туристи. Каква е посетеноста на „Св. Петка“ во Маловишта?

Посетата е сѐ поголема, посебно преку летниот период од страна на многу туристи, кои летуваат во Охрид, па со локални водичи ги носат и во Маловишта. Мора државните институции да обезбедат постојана грижа на ваквите клучни објекти. Црквата „Св. Петка“ е клучен објект за 19 век. Таму населението подостаре, немаме луѓе кои ќе бидат задолжени да се грижат за црквата, кои ќе примаат некаква надохнада, кои ќе ја отвораат црквата кога ќе доаѓаат посетителите и ќе им нудат некакво основно објаснување. Се случува да дојде група на посетители да нема кој да им отвори. Во летниот период на пример, луѓето бараат егзистенција, одат низ шума по билки и други потреби, па во таква ситуација не можат да ја отворат црквата. Ако ја остават работата, ќе отидат таму еден час, а немаат право врз основа на што да побараат да платат влезница.

икона

-Што треба да се подобри?

Мора да се направи некој принцип на презентирање на таквите споменици на културата.Треба да се научиме да стопанисуваме со културните споменици, не можеме да ги чувствуваме спомениците како бунар без дно во кои само ќе инвестира државата, а да не се продуцираат средства. На тој план во иднина мора да се работи, да се менаџираат спомениците, да се афирмираат и да се создадат услови нешто и да се заработи.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани