ЗА ПОЧИСТ ВОЗДУХ, ДОСТАВАТА НА ОГРЕВНО ДРВО ДА БИДЕ ПРЕКУ ЛЕТО

Април 20, 2018

Има начин загадувањето со ПМ честичките да се сведе на половина, доколку домаќинствата во Битола се греат на сертифицирано дрво со мал процент на влага, велат од Здружението на географи „Геосфера“.Од шумските претпријатија одговараат дека иако ваквите препораки изгледаат едноставно, сечата и доставата на дрва е сложен процес и не може да се прилагоди преку ноќ, туку ќе треба време.

 

Досега дел од домаќинствата, поради доцната доста на огрев, користеа влажни дрва. Тие даваат седум до осум пати повеќе ПМ честички од сувото дрво. Минатата година, на пример, битолчани реагираа дека огревот им стигнал дури во номеври, заедно со дождот и сланата.

„Дрвата се влажни, па мораме да ги збираме во купче крај печката и прво сами дома да ги сушиме, а потоа да ги користиме како огрев“, беа некои од реакциите на битолчани.

Некогаш доцнат тендерите, а понекогаш и граѓаните со исплата на ратите за огрев, па можно е дрвата да им се испорачаат дури во зима.

Од „Геосфера“ велат дека секое дрво што е со влага над 20 проценти се смета за влажно. Поради тоа доставата треба да биде во летните месеци, а никако не во есенски или зимски период. Предлагаат да се направи стратегија во текот на летниот и есенскиот период да бидат исечени дрвата за следната година за да ја постигнат потребната сувост.

„Ако нема во шумските претпријатија од лани есента дрва останати, ние и за следната грејна сезона на некој начин доцниме. Природно, дрвото треба да се суши барем 12 месеци. Но, за да стигнеме колку што можеме побрзо за оваа, а најмногу за идната грејна сезона, треба во пролетниот период да се исечи за оваа грејна сеозна и да се дистрибуира дрвото во текот на летните месеци. Ќе ги наредат луѓето во дворовите, ќе ги исцепат, колку-толку ќе се исушат. Никако дисутрибуирање во есен или зима“, вели Мите Ристов од „Геосфера“.

Од Шумското претпријатие „Бигла“ од Демир Хисар, објаснуваат дека доставата на дрва е специфична постапка која не може да се ограничи само на два месеца.

„Оваа постапка поврзана е со тендери, превозници и други процедури, па иако изгледа едноставно, специфична е. Ланската година на пример, имаше проблеми со тендерите. Годинава имаме шест до седум илјади кубици дрва, залихи од септемвриската сеча и прво тие ќе се дистрибуираат. Во април и мај се распишуваат тендерите за превоз. Се надеваме дека 80 проценти од дрвната маса ќе се дитрибуира во текот на летото“ велат од „Бигла“.

Во развиените земји се носат исечени и исушени во вреќи. Тоа е поеколошки, но и поскапо.

За Битола утврдено е дека домаќинствата и институциите во текот на зимскиот период учествуваат со 70 проценти од емисиите на ПМ честичките. Согорувањето на дрво со голем процент на влажност, ослободува огромни емисии на ПМ честички кои предизвикуваат тромбови, срцеви и мозочни удари.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани