Советот  на Општина Битола едногласно ја прифати одлуката за примање на донација во вид на опрема за фитнес-зона  на подрачјето на општина Битола  од Млекара АД Битола. Допрва ќе се знае за каква опрема станува збор и  на  колкава површина ќе се простира  фитнес- зоната.

-Донацијата е планирана да биде поставена на локација на Тумбе кафе, со што ја потенцираме нашата грижа за младите, спортот и рекреацијата како важен дел од нашето живеење. Со ова сакаме да ги потенцираме  и нашите заложи за заживување на Тумбе кафе и враќање на стариот сјај, изјави за апла.мк Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.

Транспарентно трошење на парите за Битфест, бесплатниот превоз на ученици, програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности  со спомен обележја беа дел од барањата  на советниците да се постават како точки на дневен ред  на денешната седница на Совет.

-Барам писмена информација од општина Битола со листа на сите апликации кои пристигнале за Битфест 2018 година и листа на сите апликации кои добиле средства и колкав е износот што  го добиле. Претходно се одлучуваше со Комисија кои апликации ќе добијат средства , ние имаме формирано Комисија за култура пред пет месеци и истата воопшто не е консултирана и воопшто нема увид на апликациите. Сакам да запрашам која  е улогата на Комисијата кога најголемиот културен настан  не е поминат на истата, побара независната советничка Габриела Илиевска.

Елена Трајчевска од ВМРО-ДПМНЕ побара дополнување на дневниот ред со точка  информација за организацијата на превозот на учениците во учебната 2018-2019 година.

-До нас како советници стигнуваат реакции од наши сограѓани , родители кои покрај тоа што согласно Закон да бидат ослободени од товарот на своите деца да им плаќаат превоз до училиште и назат, тие беа приморани последните месеци од учебната  година што измина тоа да го финансираат од сопствен џеб. Поради тоа барам информациија дали и како ќе биде организиран бесплатниот школски превоз од септември 2018 година? Се наоѓаме на 40 дена од почетокот на новата учебна година , а информациите кои ние ги имаме говорат дека за неколку училишта не се потпишани договори со превозници и нема постапки во тек, рече Трајчевска.  

Дополнување на дневниот ред побара и советникот на СДСМ, Методија Илиевски со три точки.

Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности  со спомен обележја за период од пет години од 2018-2023 година. Одлука за поставување на спомен обележја на скулптурата „Сончев часовник“ на локалитетот Еврејски гробишта. И како трета точка Илиевски го предложи барањето за добивање согласност за  измени и дополнувања на годишниот план за вработување за 2018 година за ЈПК „Коминалец“ .

До каде е воведувањето на дополнителните автобуски линии што ги вети градоначалничката Нашата Петровска во предизборието , побара информација независниот советник Иван Чулакоски, со посебен акцент на автобуската линија за населбата Баир.  

Мнозинството единствено ги прифати точките што ги предложи советникот на СДСМ, Илиевски, за останатите се гласаше воздржано.

Претседателот на Совет, Валентин Греувски рече дека Илиевска информациите како се делат парите за Битфест може да ги побара од Општина Битола како барање за слободен пристап до информации од јавен карактер или да го постави како советничко прашање до градоначалничката. Груевски образложи дека Петровска на почетокот на битолското културно лето транспарентно ја објави сумата што годинава ќе се троши за Битфест. Што се однесува до превозот за учениците, Груевски рече дека општината работи сериозно  на оваа постапка со законски измени во овој дел.

По натегањата, препукувањата и дискусиите на седницата, баклавата на крај ја заблажи атмосферата во битолскиот Совет. На првата работна средба, своите колеги со баклава по повод неодамнешниот празник Рамазан Бајрам ги почести советникот Бурим Керими од ДУИ. Баклавата беше домашна и вистински деликатес. Советниците се облажија по завршувањето на седницата. Меѓу оние кои седнаа на трпезата не беа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери зашто тие веќе претходно ја имаа напуштено седницата поради револт од промената на името.

Советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери, ја напуштија денешната седницата на Совет, изразувајќи го револтот од договорот за промена на името.

Ја критикувате градоначалничката Наташа Петровска за наводен игнорантен однос, а вие избегавте од седница, ја искритикува локалната опозиција, претседателот на Советот, Валентин Груевски. На денешната седница на Совет на почетокот присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска која одговараше на советнички прашања. Потоа во интрес на времето и нејзините обврски продолжи да зборува за кварталниот извештај за  буџетот за годинава. Тогаш, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, еден по еден, ја напуштија салата зашто не биле задоволни од одговорите и зашто таа дала експозе за буџетот и заминала.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани