2win800x200

Бучавата од сообраќајот во Битола над дозволените ограничувања

Април 23, 2019

Бучавата од сообраќајот на одредени места покрај училишта и болница во Скопје и во Битола е дури два пати повеќе од дозволеното, покажуваат мерењата што го направија Техничкиот факултет во Битола и Институтот за комуникациски студии во Скопје во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

 

Измерените вредности на бучавата се далеку поголеми од законските ограничувања на сите локации на кои беа извршени мерењата во Скопје – кај Градската болница и на улицата „Дрезденска“ пред Педагошкиот факултет и основното училиште „Војдан Чернодрински“, и во Битола – кај гимназијата „Јосип Броз - Тито“, основното училиште „Тодор Ангелевски“ и населбата Стрелиште. Кај Градската болница и во близина на училиштата беа измерени највисоки 111 децибели, односно двојно повеќе од дозволените 50, односно 55 децибели регулирани со Правилникот за гранични вредности за нивото на бучава во животната средина. На сите мерни места, бучавата во континуитет изнесуваше од 72 до 87 децибели, што повторно споредено со законските ограничувања, ги надминува дозволените нивоа.

„Во бучавата доминантни се патничките возила, поради нивната многубројност во сообраќајот во однос на другите категории возила. Товарните возила, автобусите и моторциклите придонесуваа за краткотрајни, но интензивни осцилации во висината на измерената бучава. Исто така, повисоки нивоа на бучава беа измерени кога патничките возила забрзуваа или се движеа со повисока брзина“, вели професорот Никола Крстановски од Техничкиот факултет во Битола. Тој додава дека за големата бучава од сообраќајот придонесуваат и постојаниот раст на урбаните области, бројот на возила и на изминати километри, како и изградбата на нови патишта.

Извештајот подготвен од мерењата предвидува повеќе решенија за намалување на бучавата, во зависност од мерката од 2 до 12 децибели. Треба да се воведат зони со 30 километри на час, да се постават патни грби или издигнати пешачки премини и да се изградат кружни крстосници и заштитни ѕидови. Тешките возила треба да се забранат во ноќниот период и да се ограничат во текот на денот. Брзината, пак, треба да се ограничи заедно со знаци за вознемирување од бучава, како и да се вози мирно без агресивно забрзување и забавување.

„Но, една мерка сама по себе не е доволна за значајно намалување на бучавата. Потребно е мерките да се комбинираат и да се спроведуваат чекор по чекор. Ова значи дека може да се започне со економски прифатливи мерки како што се редукција на брзината или забрана за товарни возила, потоа да се редизајнираат патиштата со цел смирување на сообраќајот, и на крајот да се инвестира во поголеми проекти како што се заштитни ѕидови или нови и современи возила во јавниот превоз“, вели професорката Бети Анѓелевска на Техничкиот факултет во Битола.

Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија, по загадувањето на воздухот. Бучавата го опфаќа секој звук кој влијае врз психичката и физичката состојба, така што ја попречува и ја смалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, когнитивни нарушувања, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крај вознемиреност и сериозни психички пореметувања.

Презентацијата на мерките против загадувањето со бучава во Скопје и во Битола се организираше како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани