Основното, средното и високото образование се девалвирани, квалитативно и квантитативно, вели професорката Цвете Димитриеска од Технички факултет – Битола

Март 14, 2019

Во континуитет основното, средното и високото образование се девалвирани, квалитативно и квантитативно. Квалитативно, според сите истражувања кои се достапни за јавноста фактите се поразителни и алармантни, додека квантитативно бројот на млада школска популација опаѓа од година во година, паралелно со масовното иселување, предупредува Ред. проф. д-р Цвете Димитриеска  од Технички факултет – Битола, професор на Машинскиот отсек – Енергетика.

Според неа, моментално својот работен век го исполнуваат генерации кои се образувале во еден систем кој докажано, овозможувал  темелно, квалитетно и квалификувано образование. Ова се однесува на генерациите родени во 50 - сеттите до 80 - сеттите години од минатиот век. Следните генерации затекнати од разноразни трансформации, експерименти, промени, се продукт на понеквалитетно образование кое индирекно навлегува во сите сектори на општественото живеење.

„На високото образование како континуитет на средното, претходно основното образование, наметната му е неприродна апсорпциона моќ. Факултетите, особено од општествените, економските, хумантарните науки се сеуште атрактивни, наспроти техничките, во моментот на изборот што ќе се студира, за после тоа состојбата да е обратна...Пазарот на труд бара кадри од областа на техничките науки, наспроти суфицитот од останатите наведени. Но, во оваа прилика ќе потенцирам „добри кадри“. Што се подразбира под „добри кадри“? Студентите во текот на своето студирање кое во моментот и скоро 16-17 години наназад се одвива според ЕКТС, се стекнуваат со образование кое не е компатибилно според потребите на реалниот сектор. Зошто? Затоа што не може да се превземаат, според познатиот метод copy -  paste одредени решенија, студиски програми, критериуми на оценување, напредувања од една во друга студиска година, како што е дури и во една соседна држава, а камоли од високо развиените земји. Едноставно, не е природно. Во ниеден момент не велам дека не треба да се пратат промените, секако дека тоа е неминовна работа, бидејќи образованието е жива материја, но сметам дека во нашата земја со некои работи се премина во непосакувана насока“, вели професорката Димитриеска во разговор за апла.мк.

Пред 15 -ттина години, на територијата на државата постоеја само два државни Универзитети, сега се 7 и се премногу, а дисперзираните студии направија штета, констатира Димитриеска.

„Појавата од запишување на „сите“ матуранти на факултет е поразителна, неоправдана  или можеби е мерка за вештачко прикажување на помала невработеност! Ова е уште пострашно. Во услови кога секој факултет се бори за студент повеќе, конкуренцијата станува нелојална и некоректна. Затоа, со оглед на тоа што образованието само посебе е од инертна природа, треба долго време да се видат резулати од превземени чекори  што значи веднаш да се почне со  благо речено порадикални мерки. Споменатите дисперзирани студии, скоро и по природен пат згаснаа, но штетата е направена. Замислата можеби не беше лоша од аспект на задоволување на социјалниот елемент, но има и поинаква можност во тој дел, овозможување на студирање на ранливи категории со доделување на државна стипендија.  Знаете, да се студира во „времено прилагоден објект“ и во „зграда со традиција“ не е исто, ниту за студентите ни за професорите“, напоменува  Димитриеска.

Професорката потенцира дека процесот на студирање треба да се подобри, во насока на квалитетно изведување на настава од страна на наставниот кадар, присуство на студентите на предавања и вежби, овозможување на практична настава, условено од соработката на образовниот со реалниот сектор. Но како што наведува таа релација има проблем.

„Тука има проблем, сите бараат дипломираните студенти да се потковани и практично, а притоа не ги отвараат своите врати тоа да им го овозможат во текот на студирањето. Факултетите се оставени сами на себе, по однос на ова прашање“, предупредува професорката, додавајќи дека мора да се најде облигационо решение, кое ќе ги поврзи теоријата и практиката.

Димитриеска смета дека за високото образование од буџетот се одвојуваат мали средства. За да се реализираат експериментални, научни истражувања особено во областа на техничките науки се потребни средства, апаратура, стручна литература, посета на странски универзитети, објавување во научни списанија, учество на симпозиуми, конгреси.

Одговорно тврдам вели Димитриеска дека и во овој дел наставниот кадар изминатиот период беше оставен сам на себе. Факултетите субвенционираат на своја добра воља едно до две годишни објавувања на труд или патување на некој конгрес, Министерството за образование и наука исто така дава еднократна парична помош и толку, критикува професорката, напоменувајќи дека тоа не е доволно за правилно искористување на стручниот потенцијал, бидејќи истражувањата бараат континиутет и работни услови.

„Затоа, час поскоро со цел да се зачува но и да се подигне квалитетот на високото образование, мора да се превземат итни чекори, да се подигне автономијата на универзитетите и факултетите во делот на располагање со сопствени средства, донесување на одлуки по однос на наставните програми, бројот на студенти кои се запишуваат, регулирање на односите со реалниот сектор, зашто во крајна линија не е исто да се студира правен факултет или факултети од областа на техничките науки. Едноставно не може да се унифицираат одредени работи, потенцира Димитриеска.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани