2win800x200

За битолскиот спорт (пишува Валентин Груевски)

Ноември 14, 2019

Ако една тема секогаш е актуелна и без разлика на времето и годината е константа во Битола и секогаш предизвикува внимание тоа е спортот. Спортот овде  има огромна  традиција, каде има многу љубов кон саканиот клуб, кон неговата боја, премногу страст за секоја извојувана победа и многу болка за секој пораз. Историјата во Битола ја имаме, сегашноста не е добра, на иднината мора сите заеднички да поработиме и да биде онаква каква што сите ја посакуваме.

РАКОМЕТ

Многумина пишуваат како било во минатото, како сме ја победувале  Металопластика, како за малку ќе паднел Лемго, како тука паѓал Киелце. Ама сето тоа  е историја, сето тоа се случувало пред 15, 20, 30 години. Тоа е минато.Она што нас ни треба се резултати сега и во иднина. Ако сакаме млади деца во салата , ако сакаме многу публика тогаш ни треба резултат. Секој што барем еднаш влегол во сала ќе Ви каже дека битолскиот ракомет пропуштил многу, многу години. Македонската, а уште повеќе европската, реалност покажа дека не постојат ,,успешни“ примери на државно или општинско управување со клубовите. Никогаш државните или општинските спортски проекти не можат да се носат со приватните клубови. Иднината е во нивната трансформација, во партнерството со приватниот капитал, во повеќе акционери, каде општината ќе биде само создавател на услови за подобар спорт, финансиски помагател, но никако некој кој ќе одлучува. Тоа е погубно сценарио.

Почитувани, се надевам дека кога ова ќе го читате, веќе ќе се знае денот на потпишувањето на договорот меѓу Општина Битола и Еурофарм. Апсолутно сметам дека со тој договор, кој и го гласав во Советот и бев еден од оние кои жестоко го бранеа, добиваме клуб кој ќе биде конкурентен, кој ќе ја задржи традицијата, ама и ќе постигнува и одлични резултати, како со првиот тим така и со помладите категории. Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 во иднина ќе бидат гордост на Битола. Единствено жалам што ќе ги разочараме малкутемина кои од срце навиваат да не се случи ова, за мене од неразбирливи причини, ама цврсто се уверени дека единствено со два-три статуси на фб, ќе ја подобрат состојбата.

ФУДБАЛ

И тука многу историја. Два освоени Мак купа, бивша прва ЈУ лига, многу репрезентативци, многу познати фудбалери. Ама  наследството ужасно. Огромни долгови, распаднат тим, втора лига на врат, младински категории на работ на испаѓање, управа во оставка, нова никаде, судски процеси за долговите( кои сеуште траат) и само разрушен стадион.

Битола ќе добие современ стадион, нови 4.500 седишта по високи стандарди. Одвоивме оваа година, повеќе од  еден милион евра, а наредната дупло повеќе. Ако се биде во ред, ние догодина ова време ќе имаме нов стадион а силно посакувам да  имаме и прволигаш, (иако тука ќе има сериозна борба, како на финансиски така и на фудбалски  план), кој играчки и финансиски ќе биде стабилен и квалитетна младинска школа која ќе дава и репрезентативци. Општината сериозно помага во целиот овој процес, како што е и последниот пример, кога доделивме дополнителни два милиони денари за помош на фудбалскиот клуб.

Останатите колективни спортови, како кошарката, годишно ја подржуваме со 4 милиони денари од буџетот, го подржуваме и женскиот ракомет, женскиот фудбал и женската одбојка.

Сојузот на училишни спортови, приватните школи за кошарка, ракомет, фудбал, карате, велосипедски клубови, шаховските клубови, екстремни спортови, боречки спортови или вкупно 34 милиони денари во оваа година се вложени во битолскиот спорт. Некој ќе рече премногу, за некого премалку, на некого нема да му се допаднат резултатите, ама факт е, дека толку многу пари за спорт во Битола не се дадени никогаш.

П.С. Искрено мислам дека во целиот овој список, неоправдано, неправедно, нефер се заборавени едни храбри дечки, боксерите од Боксерскиот клуб Пелистер. Дечките лани беа државни шампиони, оваа година се вицешампиони и многу повеќе заслужуваат со оглед на резултатите кои ги постигнуваат. Сигурен сум дека во наредната година оваа неправда ќе ја исправиме.

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани