Испревртена логика (пишува Валентин Груевски)

Декември 26, 2019

Сите сме сведоци на експанзијата на социјалните медиуми, на брзите, а понекогаш и на лажните вести кои се пласираат преку нив, на лесно достапните информации за се' и сешто. Младите луѓе немаат време, а ниту желба,  да читаат големи написи, да чекаат термин за вести, да купуваат весник. Сакаат брза, кратка вест, која и не мора да е вистинита, ама во секој момен ја задоволува гладта за информација.

Во таквата трка по брза вест, без проверка на точноста, секој ја доби шансата да си каже она што го мисли, за секој проблем, за секое решение, за секоја појава. Не навлегувам во тоа дали секој треба и може, можеби е тоа демократија, но вистина ми пречи  превртената логика која се користи и во која неважното е побитно од важното, небитното од битното, ситното од крупното.

Страшно е тоа, што поголем број на луѓе, кои сакаат да се занимаваат со политика, се инспирираат од некој сеирџирски статус на фејсбук, од слика на инстаграм или реченица на твитер. Не дека тоа е непотребно или грешно, ама ја испревртува нормалната политичка комуникација.

А, зошто не знаете да поставите прашање?

Зошто промената на  уличното осветлување во Битола со нови модерни, поекономични, поубави ЛЕД сијалици не може да биде помалку важно од тоа кој е подизведувач во неговото изведување. Ако учениците во едно училиште добијат реконструирана спортска сала, чиста, нова, без претходните дупки во подот и кратерите по ѕидовите, а за вас е побитно дека бил направен стој на глава, ако граѓаните на Битола по десет години пустење си го враќаат  Офицерски, и наместо прашањето кога ќе биде готов, добиете прашање - А што ќе има на вториот спрат? Ако добиваме стадион за 6.000 гледачи, со вкупна инвестиција од 5,5 милиони евра, а омаловажувачите ве прашуваат и пишуваат- А зошто  Охрид доби трибина за 500 гледачи?

Сакате како локална власт да му помогнете на дел од спортските клубови и да ги видите порамноправни, со повеќе публика, со подобри резултати, поконкурентни. При тоа размислувате,а и логично е,  дека тоа е за доброто на сите, и тоа го правите искрено и со чесни намери. Ве прашуваат кој од сето тоа ќе има ќар, а зошто да му помагаме, зошто се дава салата, зошто се дава стадионот, кој е таму „главен“.

Речник кој не доликува

Огромен број луѓе  ги користат социјалните мрежи, а и јас сум еден од нив. Ама навистина ми е нејасно зошто треба се да се омаловажи, се да се потцени, се да се оцрни дури и пред да се види. Без никаква информација, само да се биди актуелен, со вадење на безначајното како нешто крупно и големо, со речник кој не доликува, со многу гнев, а гневот го попречува нормалното размислување, се коментираат настаните, без притоа да се води сметка на последиците кои остануваат.

Критиката е потребна, ама логиката не може и не треба да биде испревртена.

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани