Посветено на „реформаторите“ на македонското образование (пишува Димитар Пипилевски)

Декември 27, 2019

Почитувани „патриоти“,

Веќе извесно време сведоци сме на константни напади од ваша страна за условите во македонското образование, преку вашите мегафони. Така бесрамно се обидувате да ја прикажете најлошата страна на образованието, а притоа го прекривате огледалото, кое јасно ќе ви го посочи виновникот за овој хаос. Но ајде, со ред.

Евидентен е фактот дека  под мотото „Образованието е сила, образованието е моќ“ се случи најголемата катастрофа по македонското образование. Имено, така загрижени воведовте реформи од кои се уште ги чувствуваме последиците.

Го воведовте екстерното тестирање, под изговор дека оценувањето на учениците не е правилно и реално. Е сега, дали од незнаење или не знам од какви побуди, воведовте систем на испитување на знаењето кој е тотално нефункционален. Доволно ќе беше да прашате кој било наставник како тоа да го направите. Имено, оценувањето на учениците се врши по т.н. Блумова таксономија, која е составена од седум нивоа на знаење. Вие во екстерното тестирање го употребивте само првото ниво или именувано како препознавање (четири понудени одговори од кои еден е точен). Одлично почитувани реформатори, одлично, а требаше само да прашате. За среќа, екстерното тестирање е укинато.

Ја воведовте Кембриџ-програмата за која нема потреба ни да зборувам колку е лоша. Пак ќе ве насочам кон кој било наставник, но и ученик.

Како големи патриоти и заштитници на Македонштината, вашиот министер Кралевски доби „генијална“ идеја да ја стави во мирување катедрата по македонски јазик (нели јазикот е нашето најголемо обележје).

Така патриотски, седум години на Институтот за македонски јазик не доделивте ни денар средства. Македончишта бре.

Воведовте предмети за што сé уште ни еден ученик и наставник не ја пронајдоа потребата од нивно изучување. Но партиските војничиња мораше да се згрижат некако, нели?

Од патриотски побуди, ги лустриравте авторот на првиот македонски роман и ред други дејци, промотори на македонскиот јазик и култура. За ова, дури и Гебелс и Химлер би ви завидувале.

Измисливте категорија заменски наставници во функција на „стап“ за воспитување на оние безобразни наставници кои, замислете, сакале да си ги побараат правата преку безусловното право на протест и штрајк. (како потсетување, последица од последниот штрајк, кој помина без никаков притисок се 10% зголемување на платите на наставниците).

Воведовте бесплатен превоз за учениците, што како мерка е за поздравување, но не и целта за која ја воведовте-лева рака, десен џеб (ч. Транспортер). Се мачам да пресметам колку тоалети, дограма, наставни помагала, хигиенски средства, клупи и сл. би се купиле со 4.7 милиони евра, пари кои беа потребни за одблокирање на битолските училишта, кои преку вашите „патриотски“ мерки ги заглавивте.

Никој не може да каже дека сега македонското образование е во беспрекорна положба, но ниту Хирошима ниту Нагасаки не беа реизградени за еден ден. Да, баш Хирошима и Нагасаки ги земам како споредба, бидејќи токму од толкави размери е штетата која ја претрпи македонското образование од вашите „патриотски“ реформи.

Димитар Пипилевски

наставник по германски јазик

и ексдиректор на ОУ „Крсте Петков Мисирков“, Бистрица

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани