Webp.net gifmaker

Ракометна политика (пишува Валентин Груевски)

Јануари 16, 2020

Во последните десетина година, или почнувајќи некаде од 2012 година, од Европското првенство во Србија, јануари е месец предодреден за ракомет, месец во кој целата нација се радува на успесите, живее со репрезентацијата, заеднички се гледаат натпреварите, се коментира секој гол и секоја промашена шанса,  а се тагува на неуспесите и се бараат причините за некој неуспех на македонската машка ракометна репрезентација.

Во овие години се формираше и посебна навивачка група, која ја нарекуваат Фаланга, а која исклучиво навива на големите натпреварувања на која се појавува нашата репрезентација. Како директен сведок на голем број од натпреварувањата, тврдам дека важно беше само да носите на себе црвено-жолта боја, апсолутно не беше важно кој од каде доаѓа, дали на себе го носи „старото“ или „новото“ сонце, нов или стар дрес, едноставно се навиваше за Македонија.

За жал, за првпат на ова првенство, успеавме да се поделиме на политичка основа, успеавме да се поделиме на патриоти и предавници, на тоа кој повеќе ја сака, а кој помалку ја сака репрезентацијата. А кога политиката ќе се измеша во спортот , тогаш ѓаволот си дошол по своето и резултат нема.

                Политиката

Политиката по мене е главната причина за „неуспехот“. Само за нас беше поважно со која песна патуваат ракометарите на натпревар, само за нашите портали беше многу важно какво знаме има во соблекувалната и дека дечките се многу патриоти, по идиотските параметри кои ги поставивме за тоа кој е патриот, а кој предавник, само во нашите медиуми имаше сличиња со патриотите и предавниците  меѓу ракометарите.

Само кај нас можевте да прочитате дека името „Северна“ било покриено со македонското знаме, и дека најдобриот играч на репрезентацијата не бил најдобар туку тоа било некој друг, при тоа не разбирајќи дека со тоа само го демотивираме момчето кое на првиот натпревар изигра 55 минути и притоа „изгина“ на теренот. Некаде прочитав и дека скандирањето на „Никогаш северна“... наишло на толкаво одобрување од нашите навивачи што целата сала ечела од оваа песна.

Глупост до глупост, сосема небитно за резултатот на нашите, за атмосферата која се создава, за амбиентот потребен за победа и за сомодоверба. А сè ова пренесувано како најважни работи од кои многу зависи успехот или неуспехот на ракометарите.

Жално е што дел од таквите информации доаѓаа од дел од ракометарите, а исто така е лошо што дел од јавноста со навредувачки коментари реагираше кон нив, заборавајќи на сè  она што во минатото дале за репрезентацијата.

                Балканците 

Балканците некои да, а некои се уште не можат, исто како нас да го одвојат спортот од политиката. Тие што го одвоија спортот имаат успех. Избори во Хрватска пред десет дена, и таму жестока реторика, и таму фашисти и партизани, и таму силна трета опција, ама не можете да најдите кои играчи за кој гласаат и за кој навиваат. Нивниот селектор беше пред неколку години на листа на пратеници, ама никој не му напишал погрдни зборови за тоа,  играчите се светост,  ги критикуваат за лошите игри, ама за политичката определба, никогаш. Некој од нив пред првенство да навива за едните, другите или третите, нема шанса. Не затоа што не гласаат или не ги интересира политика, туку знаат да го почитуваат секој оној кој ќе пропатува илјадници километри, ќе издвои од сопствениот џеб стотити евра, нема да биде со својата фамилија за празници и затоа тој навивач го почитуваат.

Оние што не расчистиле со политиката, како на пример Црна Гора, која настапи првпат со зелени дресови, затоа што пред сто или пред двеста години, со таа боја, во некаква борба ја победиле Србија, е веќе дома заедно со нас.

Не знам и не можам да тврдам дали можевме подобро затоа што сум лаик за играта, ама правејќи паралела со поуспешните и со подобрите, ако сакаме подобар спорт и подобар ракомет, веднаш треба да ја избркаме политиката од ракометот како прв, голем чекор кон подобри резултати.

 

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани