2win800x200

Потресна исповед на самохраната мајка Марија Магдалена Петковска Микаровска: „Децата ме вратија во живот!“

Април 04, 2018

banermost

Сопругот ми почина додека бев сѐ уште на породилно боледување со нашето второ дете. Само што наполнив 29 години, а станав самохрана мајка на две деца. Ќерка ми Хелена четири години, син ми Максимилијан, доенче од околу осум месеци. Со ваква потресна исповед битолчанката Марија Магдалена Петковска Микаровска започна да ја раскажува трагедијата која ја пресретна додека ги живееш најубавите години од брачниот живот. Таа е една од ретките самохрани мајки која прифати пред јавноста отворено да зборува за загубата, тешкотиите кои ги пребродува, но и за силата која ја пронајде повторно да се исправи на нозе.

29920250 10156251602684776 1396222 n

Останала сама со четиригодишна ќерка и осуммесечно бебе

„Го паметам моментот кога го рековме судбоносното ‘да’ и подготвеноста да го зграпчиме заеднички животот и никогаш да не го пуштиме. Но, сѐ се случи ненадејно и брзо. Сопругот ми беше во кома, а имаше наполни 30 години. Голем број на континуирани лекарски грешки и пропусти за на крај да сфатиме дека нешто што било лесно излечливо во светот, во Битола и нашата Македонија е смртно. 21 ден додека беше во индуцирана кома јас во ниту еден момент не помисли дека е можен овој епилог. Додека чекав да се разбуди не бев ни свесна, ниту подготвена дека сѐ толку бајковито може да заврши толку брзо и на толку грозоморен начин“, раскажува битолчанката.

Погребот го подготвувала чувајќи го едното дете за рака, а другото обвиснато на колкот. И покрај големото бреме што ја потиснало, младата самохрана мајка не сакала ни во еден момент децата да почувствуваат дека немаат сигурност и стабилност. Вели: „Кога веќе го немаше едниот столб, преостанатиот мораше да крепи сѐ“. Дури и за време на бдеењето отишла дома да го надои син ѝ два пати, да не осети дека нешто не е како што треба. Потоа, поминала низ фаза на тага, гнев, неверување, одрекување, депресија и на крај прифајќање. Со помош на терапевт, на гешталт терапија, на мајка ѝ и свекрвата кои безрезервно ѝ помагаат, со безброј прочитани книги, разговори, комуникација сфатила дека проблемите се решаваат само тогаш кога стануваш свесен за нив, а не ги метиш под тепих. Сепак најголемата сила ѝ дале децата.

Повик за будење

„Децата беа тие што ме спасија со своето постоење, со нивната позитивност и храброст. Грижата за нив, чекорењето низ трње заедно, сите тројца нѐ извади на прав пат. Моментот кој навистина ме врати во живите беше кога со ќерка ми отидовме на претстава, јас со последни сили, комплетно несредена, тажна, депресивна. Таа не сакајќи да ме навреди и да ми каже в лице, најде една дотерана жена, ме погледна мене и ѝ рече неа ‘тета, сакам да ми си ти мајка’. Можеби некоја жена тоа би ја растажило ама кај мене беше сигналот дека треба да се вратам во живите. Се вратив дома, заедно ги фрливме сите црни алишта и ѝ реков од денес ти ќе ми кажуваш како сакаш да изгледам секој ден. Тоа беше повикот на будење“, вели мајката.

Врз неа паднало и воспитувањето и егзистенцијата на децата. Таа е професорка по англиски јазик и напорно работи за да може да ги задоволи нивните потреби, иако признава дека и сопругот ѝ дал добра основа за да можа да се справи со животот. Но, децата ги учи да бидат скромни, да не тропшат пари на кинески играчки, туку на образование, спорт, прошетки во природа.

29852920 10156251606594776 623032688 n

Потребна е помош за чување на децата, градинки и друга поддршка

„Со мојата работа, најнеопходна беше помошта околу чување и разнесување на децата. Тоа секогаш беше најголемиот стрес околу кој сме се снаоѓале како што сме можеле во секој момент. Мајка ми извесен период мораше да го живее мојот живот за да ги извадиме на пат. Тежок е патот кога две раце треба да го прават она што го правеле четири“, додава Петковска Микаровска.

„Нема ни групи за поддршка на самохрани мајки. Некако природно ни дојде со моите другарки, самохрани мајки да си помагаме една со друга немајќи друг избор околу земање од училиште, игри, носење по родендени, одмори, викенди кои вака можеби изгледаат смешно за некои меѓутоа многу често е предизвик да се постигнат со работа од која не можиш да излезиш. Добро е што, еве, веќе градинките станаа бесплатни за родителите со помали примања, голем наклон за тој закон меѓутоа имаме уште многу работа“, вели Марија Магдалена.

На самохраните мајки им порачува да бидат силни зашто силна мајка израстува силни деца. Потсетува дека мајката на Барак Обама сама израснала претседател на Америка.

Во Битола 26 еднородителски семејства со деца до три години

Во Центраот за социјални работи прашавме колкав е бројот на самохрани мајки во Битола и како им се помага? Ни беше одговорено дека како самохрани родители кои се корисници на постојана парична помош со деца до три години се пријавени 26 еднородителски семејства. Многу повеќе се самохрани родители корисници на социјална помош со деца до полнолетство.

„Согласно законот за социјална заштита, на самохраните родители кои имаат до три годишно дете им се исплаќа постојана парична помош, фактички од кога ќе пријават со барање дека се самохрани родители ако биле во брак со пресуда за бракоразвод , додека ако биле во вонбрачна заедница со изјава и со решение за доверување на малолетно дете, ние здравствено ги осигуруваме родителот и малолетните деца. Согласно законот за детска заштита, им се помага покрај со постојана патична помош и со детски додаток за секое дете. Ова трае до три годишна возраст на детето, додека после завршувањето на ова право им се доделува социјална парична помош, која е за жал помала, но има најва во 2019 година повеќе члените семејства да земаат поголема парична помош“, вели Томе Цветковски, директор на Центарот за социјални работи во Битола.

Инаку, градинките во Битола веќе работат со продолжено работно време, дел до 18, а други до 22 часот. Дури и во сабота се згрижуваат деца во градинката „Снегулка“. Но, од градинките соопштија дека околу 600 деца се на листа на чекање да бидат примени, што укажува на потребата од проширување на капацитетите и кадрите.

 

Ж.ЗДРАВКОВСКА

„Оваа сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ. Содржината на сторијата  е единствена одговорност на Организацијата на жени од Битола и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани