Webp.net gifmaker

Некои луѓе секојдневно се борат со сопствените стравови, некои полесно се справуваат со нив, а некои го чекаат вистинското време. Вистината е дека секој од нас почуватвувал страв од нешто или некого во животот. И тоа е во дадени ситуации нормално. Она што не е нормално во сето тоа е што само околу 7% од стравовите се реални, останатите 93% се имагинарни или апстрактни стравови. Стравови креирани во нашиот ум.

Верувам дека на некои стравот му е секојдневен придружник во животот. И не само тоа! Во дел од нив тој ја презел контролата врз животот, па ги блокира, парализира и обојува сите сфери на живеењето. Ставовите може да се различни, страв од болест, сиромаштија, успех или неуспех, од смрт, осуда, куче, од инсекти, срам, од ситуација за која имате чувство дека е нерешлива..... Списокот е долг. Она што стравот го прави во нас е најчесто живот надвор од сегашноста. Секаде сте, само не сте присутни во сегашниот момент. Таквиот живот ве ,,полни,, со премаленост,напнатост на мускулите, забрзано дишење, мачнина, главоболка, неправилна работа на срцето,слабост, сува уста, нервоза и општа напнатост, и покрај другото постојана загриженост дека ве чека нешто лошо.

Многу често се среќавам со луѓе кои ,,заглавиле,, во одредена животна ситуација без лоша намера, а каде учество има и друга страна. Нивните очекувања од себеси јавуваат отпор и внатрешна фрустрација затоа што секоја нивна промена не вродува со плод на другата страна.Се јавува длабока разочараност од себеси, па дури и длабоко чувство на вина придружено со безброј откажувања. Во ред .....ако имате ваков проблем првото прашање кое може да си го поставите е:Што најлошо може да се случи? Го замислувате најцрното срценарио и го прифаќате во целост. Вториот чекор е да замислите дека преку ноќ вашиот проблем со некое чудо се решил. Што кога ќе станете ќе биде поинаку? По што прво ќе знаете дека тој не постои во вашиот живот? Кој прв тоа би го забележал? Какви сте Вие по случувањето на тоа чудо? Одговорите можете да ги запишувате. Третиот и можеби најзначаен дел е одговорот на прашањето: Што е мојот прв чекор за да се доведам во состоја во која сакам да сум? Прв, мал едноставен и возможен. Потоа дефинирајте уште 3 клучни кои се ваша одговорност. И преземете акција полека, но сигурно секој ден по еден мал чекор со кој ќе му погледнете на стравот во очи.

Еве пример: Жена на возраст од околу 30 години не излегуваше од дома кога ќе паднеше мрак. Да не навлегуваме во причините, стравот постои. Секој ден последователно 36 денови со паѓањето на мракот ја отвараше вратата од куќата и зачекоруваше еден чекор во мракот, најпрво неколку секунди. Вториот ден повеќе, третиот три чекори подалеку од вратата и една минута во мракот......и се така додека се бореше помеѓу потребата да се сокрие во домот и да го прифати мракот. Го победи стравот, со големо трпение и упорност, застанувајќи на временската линија и освестувајќи дека пропушта многу работи поради страв кој ја парализирал во целост. Денес е слободна жена која живее со полни гради.

За некого, стравовите кои ги имаме се смешни и нереални. Но, вистината е дека стравот во нашиот ум е стварност и навигатор на нашето однесување, постапки, одлуки, односно препрека на патот за слободен живот. Тогаш е ред да речеме СТОП, а ако не можеме тоа сосема сами тогаш за дел од нив коучинг процесот е решение!

Пишува: м-р Билјана Галовска НЛП тренер и коуч, предавач на Бизнис Академија Смилевски

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

Комуникацијата е дел од нашето секојдневие и сите знаеме дека „не можеме, а да не комуницираме.” Поаѓајќи од тоа, кога настојуваме да не комуницираме, тогаш значењето на комуникацијата е поголемо и пораката што сакаме да биде пренесена кај другата страна добива на својата јачина. (Oдлучувате да не зборувате со некого? Тоа не значи дека не пренесувате порака)! Ако ја земеме во предвид онаа познатата дека “од квалитетот на нашата комуникација, зависи квалитетот на нашиот живот”, можеби е време да размислиме како ние можеме да ја подобриме нашата интраперсонална комуникација (кога комуницираме сами со себе во нашиот внатрешен дијалог) и интерперсоналната комуникација (комуникација со луѓето околу нас)?

ZZZ

Погледнете ја сликата.....

Што гледате на неа?

(продолжете со читање откако ќе имате барем еден одговор)

Некои од Вас ќе речат дека гледаат две личности во расправија, некои дека тоа се колеги кои имаат спротивставени мислења, други дека работниот ден им завршува, трети дека тоа се брат и сестра партнери во бизнисот кои не решиле некој спор, четврти дека женската личност е лута и го повишила тонот, а машката личност ја гледа право во очи затоа што е виновен, седми дека тој ја провоцира, а таа се нервира, осми дека се деловни луѓе на некој состанок, деветти дека се во партнерски однос, десетти дека имаат афера и сл ...и колку повеќе луѓе се вклучени во ова толку повеќе објаснувања ќе добиеме.

Постои нешто што врвните комуникатори го знаат, а тоа е да прават разлика помеѓу поимите опис и интерпретација. Многу често информациите во секојдневието се пренесуваат по пат на наша интерпретација. Тоа значи дека ние, нешто кое се случува надвор од нас, го објасуваме на начин како што го доживуваме внатре во нас, што значи најчесто му даваме сопствено значење. Затоа добро е да знаеме дека ОПИС е фактичката состојба која постои и е непроменлива за секој од нас, на пример описот на сликата е две личности, еден часовник.(ТОЛКУ) Се друго во однос на објаснувањето околу тоа е интерпретација која ние ја даваме. И кога сме присутни на одреден состанок, разговор или некоја секојдневна ситуација, а посебно кога пренесуваме некоја информација врзана за конкретен настан, добро е да знаеме да направиме разлика што е тоа опис, а што интерпретација.На пример - денес е недела, 26 јануари. Тоа е непромениливо за секој од нас, тоа е фактичка состојба која важи за сите, тоа е опис. Интерпретација е се останато како тоа дека денот е сочев и убав, со малку облаци или тмурен со многу магла која не дава расположение итн......

Постојат вежби со кои може да се усовршува пренесувањето на информацијата и раздвојувањето на овие два термини. Ако некој го заинтригира оваа содржина, за дополнителни информации може да ме контактира на е маил Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.. За оние кои го прочитаа текстот и за сега е доволно имам еден совет. Пред да започнете со вашата интерпретација на нешто, може само да кажете “моето субјективно чувство за тоа е ...”. Ако станете свесни дека вашето субјективно, најчесто е различно од субјективното на другите, повеќе ќе слушате за да ја разберете другата страна,не само да одговорите, а при тоа развивате вештина за подобро комуницирање преку раздвојување, а не потреба за докажување дека сте во право.

Тајната на успешните комуникатори во многу ситуации е одговор на прашањето “Дали ова беше ОПИС или само ИНТЕРПРЕТАЦИЈА”?

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

 

Од денот на нашето раѓање до последниот наш здив, тежиме да живееме љубов, да дишеме љубов и да имаме некој што не сака такви какви што сме. Имаме чувство дека такви ќе сме потполни. И кога на свесно ниво не признаваме, на несвесно посакуваме да бидеме омилени (што значи сакани) во друштво, помеѓу роднини, во семејството, на работа, но сите ќе се согласите со мене дека кога ќе речеме ЉУБОВ помислуваме на партнерски односи. И, некои од Вас можеби се запрашале: Како на некој им оди од рака таа љубов да ја имаат толку долго со тој интензитет или како некои се заедно со својата сродната душа, а Вие не?!

Верувам дека секој од Вас вложил многу за да успее една врска во која сметал дека има љубов и на крајот можеби се разочарал или бил повреден. И верувам дека некои врски се раскинуваат и покрај тоа што љубовта продолжува да трае. Постојат бракови во кои нема љубов, а се среќни,а изгледа постојат и бракови во кои има љубов, а се чувствува некој млаз несреќа.

Постоењето на љубовта не ги решава сите проблеми, нити пак може да направи чуда тие да не постојат. Таа може само да биде погонско гориво за ракетно ласирање на желбата да се истрае во нивно решавање преку поддршка, разбирање и присуство. И, таквата љубов се вели во песните дека ретко постои. Се појавува прашањето зошто?

Сетете се на почетокот на вашата врска, на вашето запознавање и на тоа што најмногу ви се допаѓаше кај вашиот партнер. Сетете се на тоа колку често имавте потреба да бидете заедно, дури верувавте дека не постоела таква љубов со таков интензитет. И низ времето вие еден до друг, се заборавивте еден со друг затоа што имавте попаметна работа - заеднички обврски, одговорности, стресови и други луѓе. Тогаш љубовта се зема ,,здраво за готово,, и се става во контејнер на кој пишува ,,се подразбира,,. И се она што го имате со вашиот партнер се подразбира затоа што постои во вашиот живот. Не се радувате на заедничкото кафе затоа што се подразбира, не дискутирате на некоја тема затоа што се подразбира, не уживате во заедничкото време затоа што се подразбира дека ,,немате време за заедничко време од обврските,,. Така ја убиваме љубовта со куршумот наречен – подразбирање- и станува жртва која некогаш била херој за кој сме биле спремни да градиме споменик. А, потоа таа “не чини” толку многу..... и се мисли дека “некој надвор вреди повеќе или гради поубаво.” И така врските стануваат тешки, токсични, неискрени и стресни, затоа што се смета дека ЉУБОВ е само кога е убаво и кога се ужива.

Иако некои љубови е предвидено да завршат, други да се случат, секогаш постои една вистина. Таа вели ЉУБОВТА не може да опстане сама од себе, неа и треба внимание, добар збор, разбирање, понекогаш и борба за неа, за таа да може да се храни и да живее. Секој ден треба да бидеш љубов пред да побараш љубов, да дадеш љубов пред да очекуваш и да дефинираш што за тебе значи љубовта и како таква да ја живееш, а не само да ја подразбираш.

Во моите мисли кога зборувам за љубовта секогаш се стиховите од првото послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните во кое се вели:

Љубовта е долготрпелива, полна со добрина,

Љубовта не завидува,љубовта не се превознесува,

Не се гордее, не прави што не е пристојно,

Не бара свое, не се срди, не мисли зло,

На неправда не се радува, а на вистина се радува,

Се извинува, во се верува, на се се надева, сé претрпува.”

 

Па, да се прашаме “Дали сме љубов”????????

Пишува: м-р Билјана Галовска НЛП тренер и коуч, предавач на Бизнис Академија Смилевски

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

По секој крај следува нов почеток, па така една промена повлекува друга и единствена константа на животот станува - ПРОМЕНАТА. И кога сакаме и кога не сакаме сѐ се менува и ништо не останува исто, се менуваме и ние. Некои процесот на стареење го прифаќаат со радост други сѐ уште во цутот на младоста прават милион корекции незадоволни од себе. Незадоволството не доаѓа од она како изгледаме, туку од начинот на кој се перцепираме себеси, од начинот на кој се сакаме себе и уживаме во нашето сопство.

Деновиве имав можност да прошетам повеќе од вообичаено во битолските кафулиња и забележав дека има прекрасни млади личности полни со филери, ботокси, свилени трепки, парче облека и многу алкохол. И не дека имам против, но сите беа убави и без тоа. Понекогаш само треба да се сетиме дека - сѐ што правиме и сѐ што ни треба, а е надвор од нас ние го правиме за да почувствуваме некое задоволство внатре. Ајде едноставно кажано, сѐ што правиме е за да се чувствуваме подобро, односно да почувствуваме некоја емоција. Пиењето алкохол за да се опуштиме, носењето провокативна облека за да не забележат, филерите и трепките за да ни ја подигнат самодовербата, парите да уживаме во животот, лајковите по социјалните мрежи да ја „отсликаат убавината” на нашиот живот. Како на некој да му е грижа за тоа. Сѐ што се прави има краткотраен ефект. Само кај тинејџерите е нормално тоа, затоа што созревањето е во тој период и се она што е надвор влијае на она што се доживува внатре. Откако ќе помине тој период се што останува од него е комплекс и потсвесно креира несвесен живот.

Ви посакувам во новата година да анализирате кои вредности ги почитувате, што ви е вам важно, што сакате да постинете и која одлука сакате да ја донесете, а на што да ставите крај. Да погледнете колку сте единствени, колку сте вредни и убави, колку успеси сте постигнале до сега. Да ставите крај на се токсично во вашиот живот и да се прегрнете себе со многу љубов за себе. Да бидете храбри да се соочите со вашите предизвици, да имате трпение на патот на остварување на вашите цели, да станете свесни дека вашиот живот е само ваш и Вие ги одредувате правилата во него, да се љубите себеси искрено за да можете да љубите и други. Затоа што се што ни треба однадвор за да бидеме среќни го немаме внатре во себе. А кога го имаме во себе, се пристигнува во нашиот живот и станува дополнување на она што е внатре.

Понекогаш патиштата се трнливи и болни, но тоа не значи дека не нѐ водат до саканата дестинација. Кога страдаме учиме за себе, а тука сме да ја оствариме нашата мисија на земјата. Ако имаме во предвид дека секој од нас пополнува единствено место во неа кое никој не може да го замени, тогаш запаметете на почетокот од годината дека сте ЕДИНСТВЕНИ и тоа имајте го во предвид секој нареден ден цела година.

Пишува: м-р Билјана Галовска НЛП тренер и коуч, предавач на Бизнис Академија Смилевски

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Незаобиколна вистина е тоа дека на никого не му е грижа за нас толку, колку што нам ни е грижа за самите себе......

На прагот сме на 2020 година. И можеби некои од Вас се прашуваат како да го остварат она што досега не успеале, а им е важно. Ако 2019 беше плодна ќе сакаме оваа да е уште повеќе, ако не беше баш нешто и ”планетите не ни беа наклонети” размислуваме што во оваа би можеле да правиме поинаку. Верувам дека меѓу Вас има многу кои сакаат моќен алат како тоа да го остварат. Ако е така прочитајте до крај.

Во Неуролингвистичкото програмирање постои начин на кој се постауваат целите за истите да бидат остварливи. Има неколку чекори кои ако успешно ги следите, ќе ги поставите целите за наредната година, а со тоа се иницира можноста за оставрување. Првиот и најважен фактор е да ги поставите своите цели во пишана форма и тоа со рака. Постои неуролошка врска помеѓу пишувањето и нашиот ум. Целта треба да биде исклучиво ваша, не цел која некој сака Вие да ја остварите (на пример желбата на родителите да завршите конкретен факултет кој Вие воопшто не го сакате). При тоа не треба да биде нешто што е лесно остварливо и треба само да дојде, треба да биде нешто кое за Вас е предизвикувачко, ја буди вашата страст и енергија и на самата помисла на крајниот резултат.

На старт одговорете на прашањето “Ако не постојат препреки и знаете дека 100% би успеале што е тоа што би започнале да го правите уште денес” ? Наведете нешто кое во Вас буди ентузијазам и чувство на радост кога во вашиот ум ја замислувате таа цел како оставрена и додека уживате во резултатот кој сте го постигнале. Мислете само на крајниот резултат: каде сте? што гледате?што слушате и чувствувате кога целта е остврена?

Потоа дефинирате ја целта така што на вашиот ум ќе му дадете информација дека е можно да се оствари, а важен фактор за тоа е да ја дефинирате во сегашно време како да е веќе остварена и тоа да биде направено во позитивен контекст. Пример: Ја држам дипломата во мои раце, уживам во мојот стан, раководител сум на .... и сл...... При тоа размислувајте каква одговорност имате кон остваувањето на оваа цел. Што е она што Вие можете да го направите со сигурност, а да правите чекор кон неа. Ако не ви изгледа возможно за една година, пет сигурно прават разлика. Но, ако не започнете денес ништо нема да направи разлика. Конкретизирајте што е тоа што сакате да го живеете, јасно, живописно и едноставно. Кој е крајниот резултат што ќе го добиете. На пример: размислуваме за деталите во нашиот стан, колку квадрати има, локацијата, погледот, боите и уживаме во менталната слика која е создадена во нашиот ум. Зошто? Затоа што нашиот ум не знае дали е тоа вистина или само наша замисла, а кога му даваме таква информација дека тоа го живееме како да е сега, се програмираме за успех и даваме погонско гориво за конкретна акција. Овде не не интересира прашањето ,,како,, затоа што тоа ќе не однесе само кај ограничувачките уверувања кои ги имаме околу остварувањето на целта. Наредниот чекор е да размислите за вашата екологија, односно што е она што ќе го добиете, а ќе го изгубите со остварувањето на целта. На пример, ако сакате одредена работна позиција и нејзиното остварување влије на вашиот семеен живот до таа мера да тој не постои или да се распадне поради тоа, прашајте се дали таа цел е вредна за цената која ќе ја платите? Потоа размислете како ќе знаете дека сте на патот на остварување на таа цел, кои назнаки треба да ги добивате чекорејќи натаму, а на крајот колку истата е предизвикувачка за Вас. Ако не е доволно предизвикувачка така што и самата помисла на нејзино остварување да ви буди страст, тогаш таа не е за Вас. Ако вашата цел треба да биде остварена од некој друг, тогаш таа не е ваша цел. Иако постојат субјекти кои треба да се дефинираат при остварувањето целта која ја посакувате, таа треба да е исклучиво ваша, како и одговорноста за нејзино остварување.

Непознат автор во една прилика напишал : “Не е важно од каде доаѓате, единствено што е навистина важно е каде одите”. Примарната разлика помеѓу оние со добар и оние со лош резултат е ориентираноста кон акција. Луѓето кои имаат исклучителни достигнувања се силно ориентирани кон акција. Ова се само насоки, а вредно е да напоменеме дека НЛП има мошне ефикасни стратегии за дефинирање и прогресирање во правец на остварување на целите.

Ако некој сака да ги дефинира своите цели и да сведочи на остварување на истите, а наидува на препреки, слободно нека ме контактира на мојот e mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.. Ви стојам на располагање како за вашите така и за дефинирање на целите на вашата организација.

Пишува: м-р Билјана Галовска НЛП тренер и коуч, предавач на Бизнис Академија Смилевски

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

 

Страница 1 од 6

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани