На денешен ден, 26 август 1944 загона Естреја ОВАДИЈА-Мара, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Основно и средно  образование заврши во родниот град. Во 1938 година, замина во Белград преку Еврејското хуманитарно друштво „Визо“. Од тој период стана член на југословенската комунистичка младинска организација СКОЈ. Во мај 1941 година се вклучи во активностите на антиокупаторското движење во Битола. Во 1942 година, стана член на КПЈ. Во април 1943 година, беше најнапред борец во борбениот строј на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“, а набрзо потоа и во Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“. Кога се формира Третата македонска народноослободителна ударна бригада на 26 февруари 1944 година, таа беше поставена за политички комесар на чета. Во август 1944 година, беше определена за политички комесар на баталјон во Седмата македонска ударна бригада.

Загина во борба со бугарските војници од пограничната караула на Кајмакчалан на 26 август 1944 година. За народен херој беше прогласена на 11 октомври 1953 година.

Подготвил: д-р Алексансар Литовски, историчар

На денешен ден,25 август 1944 г., на планината Кајмакчалан загина Мордехај (Мордо) НАХМИЈАС-Лазо, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е во Битола, во 1923 година. Евреин по националност. Во раководството на работничката еврејска младинска организација во Битола беше од 1934 г. Пред војната одреден период живееше и работеше во Белград, а по окупацијата на Вардарскиот дел на Македонија во април 1941 г. се врати во Битола. Неговата куќа уште во тој период служеше како едно од најважните илегални престојувалишта на илегалните комунисти во градот. Во 1941 г. стана член на КПЈ во Македонија. Во 1942 г. стана борец во Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“. Подоцна беше командант на баталјон во Првата македонска бригада, а загина како заменик командант на баталјон во Седмата македонска бригада во борбите на Кајмакчалан против бугарски окупаторски војници од граничната караула.

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

На денешен ден, 27 јули 1927 година, во селото Лавци, Битолско, е родена ФАНА КОЧОВСКА-ЦВЕТКОВИЌ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, најмлад народен херој во цела некогашна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Со неполни петнаесет години во 1941 г. е активна во илегалното антиокупаторско движење, односно е младинска активистка и член на југословенската комунистичка младинска организација СКОЈ. Од крајот на 1941 година во илегалство. Од ноември 1942 година борец во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“. Подоцна младински раководител во Баталјонот „Стив Наумов“ и учествува во славниот Февруарски поход. Во време на Пролетната офанзива 1944 година во борбите околу Злетово е ранета. Се бори против бугарско-германските фашистички окупатори и во составот на Третата и Седмата народноослободителна ударна бригада. Член на Главниот одбор на младинската комунистичка организација на Македонија. По ослободувањето на земјата од фашистичките окупатори врши високи општествени и државни функции. Меѓу останатото: иницијатор и организатор на младинската културно-просветна манифестација „Курирче“; пратеник во Народното собрание на Македонија и во Народното собрание на Југославија; член на Обласниот комитет на Младинсклата организација во Битола; член на Централниот комите на Народната младина на Македонија; претседател на секцијата на жените-задругари на Македонија; член на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија и Југославија; член на постојаниот дел на Конференцијата на Сојузот на комунистите на Југославија, а на Десетиот конгрес на СКЈ е избрана за член на Централниот комитет. Носител на „Партизанска споменица 1941“. Прогласена за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година. Почина во Скопје на 17 април 2004 година.

 

Подготвил: проф. д-р Александар Литовски, историчар

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани