Webp.net gifmaker

Ана Синицки: Пеејќи ја „Молитва“ пораката ја упатив на битолчани

Јули 24, 2018

Битолчани очекуваа дека светски познатата оперска пејачка со битолско потекло Ана Синицки на вчерашниот концерт ќе ги почести со некоја битолска песна. Изненадување на вечерта беше нејзината моќна изведба на познатиот хит „Молитва“ од Виолета Томовска. Синицки во интервју за Апла.мк вели дека се одлучила за оваа песна зашто и Томовска е битолчанка, а текстот има силна порака која сакаше да им ја упати на битолчани.

-Со изборот на песната создаде мост меѓу вас две како битолчанки со моќни гласови. Но, испеа и молитва за својот народ.

Пред скоро време една пријателка ми ја отпеа оваа песна, јас претходно не ја знаев. Кога ја слушнав, текстот многу ме погоди, мислам дека има многу силна порака и сакав токму на битолската публика да ѝ ја подарам пеејќи ја. Текстот е многу јак, а и мелодијата е преубава. Но, главната причина заради која ја отпеав е затоа што и Виолета е од Битола.

-Родена си во Белград, работиш низ цел свет, зарем сѐ уште се чувствуваш битолчанка?

Да и тоа многу. Мајка ми и татко ми се од Битола, Македонци растени во овој град. Татко ми по татко е Русин, но по мајка Македонец и живееја тука во Битола. Тука се запозна и заљубија со мојата мајка која е исто така битолчанка. Потоа мораа поради работа да се преселат во Белград и јас сум таму родена. Но, во Битола ги минував сите лета и зими и ја чувствувам како мој град. Во Битола живевме на улица „Кочо Палигора“. Сега ни останаа само пријатели во градот.

-Кога доаѓаш во Битола, кое место мораш да го посетиш?

Задолжително минувам низ Широк Сокак, старата чаршија, кафулиња каде што сум била со драги луѓе, улицата крај Драгорот. Имам убави и драги места во Битоа. Но, најважно ми е да се видам со драги луѓе, бидејќи Битола не е само град, туку неа ја сочинуваат и битолчаните. Јас би сакала пак да се вратам за скоро, во зависност од тоа колку обврските ќе ми дозволат. Често сум на пат, фактички и не знам каде живеам, дали во Америка, Италија, наваму-натаму. Но, секогаш се радувам кога се враќам во Битола.

На концертот што во Завод и музеј го одржа Синицки во рамките на „Бит Фест“ салата беше претесна за публиката која дојде да го слушни нејзиниот моќен глас. Репертоарот разновиден од бесмртните „О sole mio“, „Torna a Surriento“, „Очи чарние“, па филмските хитови „Que sera,serа“ од филмот „ The man who knew too much“, „ Once upon a December“ од долгометражниот цртан филм за Анастасија Романов и дурги позанти песни. Публиката аплаудираше и ја враќаше на бис.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани