Изгор пенкала, пликови, тонери, бетон купувало екс раководството на „Нискоградба“

Мај 15, 2019

Дури девет пати поскапи пенкала, пет пати повисоки цени плаќало за пликови поранешното раководство на Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола, обелодени на денешната седница на Совет, претседателот Валентин Груевски. И тоа е само дел од асортиманот, зашто по екстра високи цени се купувале и хартија, тонери, тесли, либели, пили...

Груевски рече дека сегашното раководство мора да ги отплаќа кредитите и каматите со кои претходниците го заглавиле претпријатието, кога во извесен период достигнале месечна рата од 700 000 денари.

-„Нискоградба„ не купувала машини, затоа што топ копирна хартија А4 формат ја плаќала во 2016 година 286 денари, во 2017 година 298 денари, а во 2018 -140 денари. Еден регистратор во 2016 година го плаќале 168 денари, во 2017 година 192 денари, а сега 65 денари. Затоа што плаќале пликови за сметки од 4,13 денари, 2017 - 4,55 денари, а сега 0.75 денари. Лани плаќале 600 отсто повисоки сметки за овие четири работи, рече Груевски.

Меѓу поскапите артикли ги наброја пенкалата за кои со иронија рече  дека мора да биле многу модерни зашто во 2016 година за нив се плаќало 18,27 денари, во 2017 - 28,85 денари, а сега 3,19 денари. Понатаму, за еден вид тонер плаќале 1880 денари парче, а сега 243 денари. Посочи дека набавките во 2016 и 2017 година биле од фирмата „УНО форте“.

-Тесла 414 денари во 2017 година, сега 200 денари, либела 607 денари во 2017 годинаа, а сега 200 денари, пила 230 денари, сега 160 денари. Готов бетон кубик 4450 денари, а сега 3760 денари, додаде Груевски.

Или вкупно за канцелариски материјал во 2016 година претходното раководство на фирмата потрошило милион денари, а сегашното  294 000 денари. За градежна галантерија 463 000, а сега 345 000 денари и готов бетон од 3 милиони на 1 823 000 денари. Податоците ги добил преку барање за слободен пристап до информации, а ги соопшти на денешната седница на која се гласаа завршните сметки на јавните претпријатија. Со овие бројки тој всушност одговори на дел од советничките прашања од опозицијата зошто „Нискоградба“ не купувала машини и не се инвестирало во други сегменти од работата.

-13 милиони денари беа платени за тековни обврски на претпријатието со кредити кои и ден денес ги отплаќа „Нискоградба“. Месечната рата на кредитите кои ги плаќаше „Нискоградба“ во еден период достигнуваше 700 000 денари заедно со каматите. Сега е меѓу 350 000 и 400 000 денари. Дел се платени, каматите завршија. Се враќаа долговите за да не биде заглавено претпријатието и да може да работи“, додаде Груевски.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани