Webp.net gifmaker

Преку Тајане-Бојане децата учеа да се дружат

Јули 06, 2019
(Фото: Поранешна прослава на Тајане Бојане на битолскиот Баир, фотографијата е позајмена од фб профилот на Љубица Здравковска Митревска, (Фото: Поранешна прослава на Тајане Бојане на битолскиот Баир, фотографијата е позајмена од фб профилот на Љубица Здравковска Митревска,

Децата од Битола некогаш со големо нетрпение чекаа да дојде Иванден, еден од големите христијански празници од летниот циклус кога се слави раѓањето на Свети Јован Крстител. Нетрпеливо чекаа зашто на тој празник адет беше да се организира детска маалска свадба, односно да се спроведи на дело обичајот Тајане-Бојане. Од дечињата во улицата се одбираа зет, невеста, свекрва, кум, девер и сватови. Се полнеше ѓумче со вода од три чешми зашто во тоа време сѐ уште функционираа малските чешми. Се закитуваше со цвеќиња. На главите на девојчињата се стваа венчиња од цвеќиња зашто со Иванден од памтивек биле поврзани верувања за моќта на цвеќињата.Секој се облекуваше согласно улогата што ја имаше. 

 

И така свадбената поворка тргнуваше од куќа во куќа пеејки ја пригодната песна Тајане-Бојане:

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,

ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса,

по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот,

калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди,

од герамиди на трендафили.

Домаќините кои ќе им ја отвореа вратата на дечињата им дава прехрамбени продукти од кои најчесто можеше да се замесе зелник. Тоа беа јаца, брашно, масло, а и пари за да купат зелје за суканицата. Откако ќе помнеа неколку часа низ околните маaла збирајќи храна, на крај избираа повозрасна жена домаќинка од нивната улица која ќе им направеше зелник. Него сите заедно го јадеа.

Ваквиот начин на одбележување иако немаше некоја верска порака, а се верува дека е поврзан и со словенската митологија, сепак имаше длабоко социолошко значење. Децата сами се организираа да направат такакажано маалска свадба, да се подготват, да ги прифатат своите улоги дека некој ќе биде зет, а друг сват, да обезбедат храна притоа дарувајќи песна и што е најважно да се дружат, да го поделат оброкот. Сите битолчани кои учествувале во овие адети денес со насмевка на лицата се сеќаваат на тие денови. За жал, празнувањето на Тајане-Бојане денес го има се помалку. Мал е бројот на маала каде адетот се одржува, а  се помал е и бројот на „свадбари“.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани