Фото-монографија за Тоде Ивановски, уметникот кој ја нацрта победата над фашизмот

Ноември 14, 2019

Утре во 18 часот во Завод и музеј Битола ќе биде промовирана фото-монографијата „Црвениот виор на Тоде Ивановски“ чиј автор е неговата ќерка, новинарката Данка Јанковска. Организатор на промоцијата е Општинскиот одбор на Сојузот на бораци од Битола.

Во денешните учебници ги нема како порано илустрациите од антифашистичката Народно ослободителна борба (НОБ) нацртани од умешните раце на големиот македонски ликовен уметник и партизан Тоде Ивановски (1924-2005) од Битола. Критичарите велат дека со една линија со молив или туш знаел да наслика цела композиција, па и битка од НОБ. Генерации израснаа гледајќи ги неговите цртежи во учебниците по македонски јазик и историја. Неговите цртежи од НОБ беа едни од најзастапените во учебниците и лектирите.

 

понакаИвановски беше ликовен уметник и педагог, борец за слобода, кој со своето творештво зазема значајно место во македонската современа ликовна уметност. Во НОБ се вклучил во 1941, во Втората македонска бригада, а потоа и во Седмата македонска ударна бригада формирана 1944 во село Зборско на Кожуф. Таму ја запознал и неговата сопруга, исто така партизанка. Семејството на Ивановски, покрај стотиците негови дела што ги чува, има и останати токму од тој период, како и од Февруарскиот поход во кој учествувал и многу често ја цртал партизанската голгота.

„Беше учесник во Февруарскиот поход. Беше ранет во кичевско, за време на походот, точно во левата рака. Но, црташе и со лева и со десна. Беше прободен низ раката , немаше некои последици, па тоа не му пречеше подоцна. Уште ние кога бевме ученици, цртежите од татко ми секогаш беа во учебниците по историја и по македонски јазик. Лекциите и текстовите беа илустрирани со цртежи на татко ми. Зборуваше преку цртеж и преку изразот на очите и лицето, повеќе отколку вербално што раскажуваше “, вели неговата ќерка Данка Јанковска, инаку долгогодишен новинар од Битола.

Беше препознатлив меѓу уметниците во поранешна Југославија по неговата прецизна линија со туш. Само со една линија го доловувал она што сакал да го искаже, чувствата и настаните.

Негови цртежи освен во битолскиот Завод и музеј се изложени и во голем број светски културни метрополи, Ермитаж во Санкт Петерсбург, Третјаковска галерија во Москва, Национална галерија во Лондон, Художествена академија во Софија, Конгресна библиотека во Вашингтон, во Варшава, Прага, Берлин и низ поглавните градови на поранешна Југославија.

Ж.З.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани