2win800x200

ОПШТИНАТА ПОДГОТВЕНА ДА ДАДЕ 100 000 ЕВРА ЗА „КОПАНКИ“

Јуни 20, 2018

Советот на Општина Битола денес донесе заклучок за изнаоѓање на решение за санација на опожарениот дом „Копанки“. Според заклучокот, Советот се обврзува дека ќе обезбеди 100 000 евра за обнова на домот. Воедно беше упатен и повик до Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ да продолжи со разговори со градоначалничката на Битола за градење на взаемно прифатливи услови за изградба на домот во интерес на општо добро. Понатаму, беше истакнато дека Општината во овој момент нема законски основ за вложување зашто стопроцентен сопственик на домот е Планинарското друштво.

 

„Поради важноста на ‘Копанки’ и неговото значење за граѓаните на Општина Битола и поради фактот дека неговата обнова не се движи во рамки на очекувањата на граѓаните донесен е заклучок за отпочнување на постапка за изнаоѓање на решение за негова обнова“, рече претседателот на Советот, Валентин Груевски.

За иницијативата гласаше и независната листа „Поинаку“, но со забележешка дека на седницата требаше да бидат поканети и сопствениците на домот и требаше да се организира јавна дебата. 

„Конечно Копанки дојде на ред, сакам да верувам дека ова е искрено. Но, морам да кажам неколку работи со кои не се согласувам иако сѐ она што ќе биде за обнова на ‘Копанки’ ќе го поддржиме. Ние денес ад хок добиваме ваква точка, а најзасегната страна не е консултирана, а тоа се стопроцентните сопственици, Планинарското друштво. Сметам дека ова прашање заслужува поширока јавност во Битола, дека требаше да се организира јавна трибина и да се сослушаат сите размислувања“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.

„Не мислев дека дел од иницијативата ќе наиде на банални критики, зошто не денес, зошто не утре, зошто не го викнете оној. Иницијативата е сосема коректна, отвора можности за разговори со Планинарското друштво и за финансирање во тој дел“, рече Груевски.

Инаку ПСК „Пелистер“ пред десетина дена започна со работна акција за обнова на домот. Прво беше расчистен сметот, а потоа однесен и градежен материјал за да се подигнат потпорни ѕидови. Од друштвото велат дека се заинтересирани да продолжат да разговараат со градоначалничката. Но, не гледаат дека сопственоста е некаква пречка. Објаснуваат дека според Статутот не можат да отуѓуваат делови од имотот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани